| четврток, 6 декември 2018 |

Се очекуваат рекордни 7.500 учесници на 11. Скопски маратон

 Годинашното издание на „Визер скопски маратон“ ќе биде помасовно од сите изданија до сега. До денес се пријавени 5.600 учесници, од 42 земји во светот, а до крајот на рокот за пријавување се очекува таа бројка да изнесува 7.500 учесници, најавија организаторите на денешната прес-конференција во Инфо-центарорт на ЕУ во Скопје.

Единаесеттото издание на „Визер скопски маратон“, кој од оваа година се здоби со пет ѕвездички во новата категорија „Running for all” на Европската атлетска асоцијација ќе се оддржи на 10 мај, по повод Денот на Европа, 9 мај.

Спортот, според евроамбасадорот Аиво Орав, го пренесува концептот на мирот, толеранцијата заемното разбирање и комуникацијата, како и самите вредности кои претставуваат дел од европскиот идеал.

– Тоа е причината што Делегацијата на ЕУ го подржува Скопскиот маратон од 2007 година – истакна Орав.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески порача дека спортот е неопходен за здрав живот и дека маратонот е добра можност за граѓаните да направат нешто за себе.

– Македонските граѓани се посвесно размислуваат позитивно во врска со спортувањето, а Скопскиот маратон е само можност да покажат дека здравиот живот и спортувањето се неопходност и треба да бидат секојдневие за секој од нас – истакна Спасески.

Агенцијата за млади и спорт, рече Спасески, секоја година финансиски го поддржува маратонот, а оваа година вработените во Агенцијата ќе земат учество на трката од пет километри.

Директорот на маратонот Кире Синадиновски информира дека годинава првпат ќе се одржи „Маратон експо“ на Скопскиот саем во хала 4 каде што сите учесници од 7 до 9 мај ќе можат си ги подигнат своите стартни пакети. Како новина Синадиновски најави дека од оваа година се воведува и штафетниот маратон во кој учествуваат четворица учесници, кои трката од 42.195 метри ќе ја трчаат секој по 10,5 километри. Новина е тоа што двајца македонски натпреварувачи по пат на лотарија ќе имаат можност да учествуваат на Њујоршкиот маратон што ќе се оддржи на 11 ноември 2015 година, со кој Скоскиот маратон оствари соработка.

Наградниот фонд за Скопскиот маратон изнесува 17.000 евра. Првото место во маратонската трка кај мажите  ќе носи награда од 4.000 евра, но под услов победникот да оствари време под 2 часа 13 минути, додека, кај жените тој услов е време под 2 часа и 35 минути.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top