Во овој период на реализација на Договорот од Пржино, парафиран и од страна на владејачката ВМРО-ДПМНЕ (прифатен компромис за „мир“ во државата, што како легитимна власт и не мораше да го прифати), стравувањата, односно очекувањата беа, и остануваат, Европската унија да не „претера“ во своето посредништво („олеснувачката“ функција) – насочувајќи ги работите според нелегитимните желби и барања на СДСМ; да не „застрани“ на штета на демократијата и на демократските принципи на кои, нели, е базирана и самата Унија!
СДСМ придизвика политички хаос во земјата. Преку вербалните притисоци, хиперболизираното критикување на сè во државата – влијаат и врз нејзиниот углед. Одредени извештаи со потекло „однадвор“, во себе ги содржат оцените на СДСМ за „состојбите“ во земјава; на начин, како што таа сака да бидат перцепирани од другите – во негативно светло за актуелната власт. Не можат да влијаат само на извештаите на ММФ и на други слични институции (позитивни за Р.Македонија!), затоа што за нив имаат важност само објективни (економски) параметри, а не политички „бомби“!
Во отсуство на реални шанси на избори да ѝ се спротивстават на актуелната владејачка партија, водството на СДСМ и блиски „експерти“ во вербалното уривање на кредибилитетот на актуелната Влада видоа/гледаат единствена можност за преземање на власта; со „нечија“ поддршка, ама не од народот?! Од Македонија направија место на планетава каде што уривањето на угледот на државата и демонтажата на општествениот систем е начин за доаѓање на власт! Прокламираните „високи цели“ (постојано ја враќаат демократијата во Македонија?) им се сведени на личниот интерес, тој на партиската клика; не, на партијата, не на државата во која вербално се колнат. (Без претензии за вулгаризација, да беа посветени на државата – денеска, по речиси четврт век независност, немаше сѐ уште да има потреба од градење канализациски колектори, водоводи…)
Многу настани што се случија во државата – митинзите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ (17;18 мај, со огромна разлика на масовноста во корист на владејачката партија), неприфаќањето на „бомбите“ од страна на народот на начин како што очекуваше опозицијата – „здраво за готово“, како и континуитетот на активностите на владата за реализација на предизборно /2014/ ветените проекти додека СДСМ практикува/ше/ протестантска реторика и закана со немири, покажаа – каде, кон која политичка опција е насочена (до)вербата и лојалноста на мнозинството граѓани, кој е политичкиот фактор на кој можат да сметаат. Сите овие работи Европската унија, евродипломатите, и… сите други странски фактори, мора да ги имаат предвид. Тоа го бара демократијата, која во својата основа ја има токму волјата на граѓаните – не волјата, желбите и амбициите на незадоволни поединци, политичари и политички партии; ниту „потребите“ на геостратегијата.
Преземајќи ја улогата на посредник во „решавањето“ внатрешни проблеми на нашата држава, на барање на СДСМ (нормално е, домашните проблеми да ги решаваат домашните, легитимни органи!), од ЕУ се очекува/ше да не дозволи да биде комплетно вовлечена во опозициските игри, да биде соучесник во уривањето на демократските принципи на современите општества! Да не подлегне на реторичкиот опозициски притисок. Доколку посредништвото не одолее на вербализмот на СДСМ, неговата улога ќе биде девалвирана! А, нели целта е да ѝ се помогне на државата да излезе од наметнатата криза, и /повторно/, преку демократско изјаснување на граѓаните (2016), да продолжи со реформските процеси.
Значи, со целиот респект кон намерата на ЕУ да помогне во надминување на „кризата“ (во ниту една држава состојбите не се идеални!), таа мора да ја почитува легалната власт и институциите на државата! Во спротивно, место експертска помош за и околу „Пуч“, прислушкувачките материјали…, самите ќе „предизвикаат пуч“ во суверена Македонија.
Апропо претходното. Во „легендарната изјава“ на Ван Хојте (многу експлоатирана во опозициските медиуми) деновиве во однос на текот на разговорите меѓу четирите македонски политички партии, во одреден контекст е споменато „една најголема партија“; и вообичаено, опозицискиот прст веднаш беше вперен кон ВМРО-ДПМНЕ. И, да е точна претпоставката, не смее да се заборави вистината, дека „најголемата партија“ го носи префиксот – владејачка партија во Република Македонија, зад која на легални парламентарни избори застанаa половина милион граѓани! Одговорноста пред народот, во државата, во овој момент ја има оваа партија, и никој друг! Очекувано е, овој факт да го почитуваат сите актери во „рамките“ на реализацијата на договореното од Пржино, како одраз на нивниот респектирачки однос кон демократските вредности и правила.
Уште нешто околу „Договорот“ во Пржино. Не верувам дека еврокомесарот Хан (и ЕУ) на почетокот го замислувал посредништвото со ваков епилог! Не со креирање нова власт (судска) во државата, игнорирајќи ги легалните (судски) органи на Република Македонија! Меѓутоа, воспоставувањето „специјално јавно обвинителство“, специјален јавен обвинител (веќе избран!), сепак е во тој правец, а ние можеме да погодуваме дали се работи за надворешен стратег и домашен реализатор, или, и стратегот и реализаторот (СДСМ) се наши, домашни… поткопувачи на државниот суверенитет!
Во целата ситуација, покрај чувството на противуставно наметнување на недемократски правила во државата однадвор, а побарано „однатре“, сепак е добро што договорот од 2 јуни е почитуван!
Добро е /токму/ тоа што специјалниот јавен обвинител/ка е непартиски човек, со соодветни квалификации, а нејзината неекспонираност во државата (некому тоа му пречи!) – нејзина предност! А, наша надеж – дека нема да игра по нотите на деструктивните /ни/ „експерти“ во државата!
Почитувани „домашни“ и „надворешни“. Доста ја притискавте Македонија!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.