Франција ги повика сите земји на ЕУ во целост да ги почитуваат правилата на шенгенската зона, откако Германија соопшти дека воведува привремена контрола на границите поради рекордниот број бегалци.
-Поради тоа што некои земји не ги почитуваат правилата, Германија реши да воведе привремена гранична контрола – оценува францускиот министер на внатрешни работи, Бернан Казнев, пренесува Франс прес.
Германија претходно соопшти дека воведува привремена контрола на границата и дека одлуката веднаш стапува на сила.
Потегот на Германија е во спротивност на принципите на шенгенската зона, која дозволува слободно движење низ европските држави. Сепак, овој договор дозволува привремена суспензија.
-Освен тоа, Берлин повеќе нема да дозволува бегалците да бираат која европска држава да ги прими – истакна министерот за внатрешни работи на Германија, Томас де Мезијер. Според правилата на ЕУ, првата земја при влез е обврзана да ги решава барањата на барателите на азил, но Германија претходно во практиката го отфрлаше ова правило во случајот со бегалците од Сирија.
Железничкиот сообраќај меѓу Германија и Австрија беше суспендиран повеќе од 12 часа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.