„Анаграми за самопрепознавање“ е насловот на најновиот уметнички потфат на нашиот извонреден уметник на фотографија, Александар Ѓорѓиев, во кој овој наш истакнат автор ги внесува сите оние чудесни и таинствени искуства што се скриле во него низ неговиот долгогодишен варијабилен и мултиполарен пристап и експертиза на фотографската практика, која токму во овој негов уметнички концепт ја екстраполира до висините на една зачудна, психоделична и надреална поетика.
Всушност, овој наш истакнат фотограф и уметник настапува од позициите на неговиот огромен опус, преку кој тој проаѓа низ сите можни искуства на фотографскиот медиум. Од фотографијата на мигот, па преку документаризмот и одбележувањето на актуелните општествено-политички моменти кои подоцна ќе се преточат во историја, Александар Ѓорѓиев со оваа рецентна поставка ни се претставува како вистински изграден и сериозен поет на визуелното, користејќи го својот стандарден медиум – фотографијата, но во случајот, надградувајќи ја и проширувајќи ја со дигиталната технологија и воведувајќи ја во сферите на мултидисциплинарноста.
Уметникот зрее и во еден миг од него се вознесува една нова реалност која се сублимира во поетска визија со езотерични конотации, а за која се потребни посебни насоки за да биде спознаена или созерцана, зашто токму во тој дел на таа чудесна метаморфоза, за која ни сведочи самиот автор, е клучот на декодирањето на оваа стварност, сосема поинаква од конвенционалната.
Токму и затоа овој езотеричен, речиси алхемичарски наслов – „Анаграми за самопрепознавање“, во кој Александар Ѓорѓиев го воспоставува својот таинствен лавиринт на искуства и на прекогниции, на талкања и на пронаоѓања, на порази и на триумфи, на хаос и на хармонија. Ете, токму затоа, со овој херметички наслов Александар Ѓорѓиев пристапува кон нашите перцептивни механизми и духовни потенцијали, со цел да предизвика еден вид бура во нашите души, бура која доаѓа од потребата за преиспитување на закоравените погледи на нештата, дисторзија на стереотипите на поимањето, неред во нашите конвенции и рутини, и да ни ја соопшти скриената вистина која честопати знае да биде страшна, параноична и неприфатлива, но таа е тука, крај нас, во секое време, сакале ние тоа да го признаеме или не.
Во феноменот на анаграмот постои една реверзибилност на парадоксалноста. Обратниот ред на читањето на текстот честопати знае од една појава да конструира нова, која иницира дијаметрално спротивни референци. Токму тоа е поентата на оваа уметничко-поетска поставка на овој творец, да ни ја преобликува конвенцијата и да нѐ воведе длабоко во битието на нејзината генеза.
„Коренот на лотосите, тие цветови на продуховеноста, е во калта“ – велат зен-учителите од Далечниот Исток. Така и уметникот и поет – Александар Ѓорѓиев, нѐ води до самите темели на појавноста, деконструирајќи ја и претворајќи ја во ерупција од бои, од непрепознатливи, но делотворни енергии, во изблици на чиста емоција и, така, воздигнувајќи ја оваа реална или, ако сакате – реалистичка маса на секојдневието и историската баналност во чиста поезија.
Секако, тоа не е едноставен процес. За да се претвори оловото во злато – како што тоа го правеа средновековните алхемичари, а тривијалноста во естетски изблик, како што тоа го прават уметниците од сите времиња и култури, потребна е огромна предаденост, но и фанатична, речиси манијакална посветеност.
И токму тука е моментот на самопрепознавањето во анаграмот, не, всушност, техниката која цел живот се учи и никако да се научи во сите нејзини предизвици кои се бесконечни, колку и Универзумот, туку во едно ненадејно напуштање на таа доследност, која како да сака да нѐ зароби со сите тие недогледни комбинаторики и исцрпувачки процеси на формалната перфекција.
Луцидната природа на Александар Ѓорѓиев, уметникот-фотограф, добро го има сфатено ова и тој, во манирот на еден прониклив мајстор на духовноста, го прави оној неверојатен пресврт и така на еден, колку неочекуван, толку и фасцинантен начин, дефектот го претвора во ефект, а ефектот во чиста поезија.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.