Ленот (Linum usitatissimum) е ценета индустриска култура, која припаѓа во фамилијата Linaceae. Се одгледува за добивање влакно и за добивање масло. Во зависност од целта на производството, постојат одделни видови, односно сорти, со можност секоја од нив, со поголем или помал успех во одредени случаи, да се одгледува комбинирано (истовремено за влакно и за семе). Според тоа, се разликуваат три типа: – влакнодаен лен (elongata), маслодаен лен (brevimulticaulia) и преоден (двонаменски) лен (intermedia) – ги има карактеристиките и од маслодајниот и од влакнодајниот лен.
Не може со сигурност да се тврди од каде потекнува ленот. Денеска ленот е распространет речиси во сите земји во светот. Главните реони за одгледување на маслодајниот лен се наоѓаат во Аргентина, Северна Америка, Индија, во јужните делови на Русија (до Кавказ) и во земјите околу Средоземно Море. Влакнодајниот лен најмногу е застапен во северните делови на Русија, прибалтичките републики, Холандија, Белгија и во северна Франција.
Оваа култура бара структурни почви со добар водно-воздушен режим како што се песокливо-иловестите, лесните, хумусните или иловесто-песокливите почви, кои се пропустливи и со слабо кисела до неутрална реакција. Не му одговараат почви со голема природна плодност, богати со вар, суви, песокливи, тешки глинести, на кои подолго стои површинска вода или има високи подземни води.
Ленот не поднесува одгледување во монокултура поради еднострано искористување на хранливите елементи, опасност од појава на плевел, болести и штетници, концентрација на токсини во почвата. На иста површина треба да дојде по пет до седум години. Најдобри преткултури се жито, кое овозможува навремена и темелна подготовка на почвата. Добра преткултура може да биде и пченката, под услов да се заора до почетокот на ноември. Ленот како преткултура рано се прибира и не ја исцрпува почвата. По него може да се одгледуваат пченица, ʼрж, јачмен, компир или шеќерна репка.
Оптималниот период за сеидба е меѓу 15 март и 15 април. Меѓутоа, во средината на март сè уште е присутна опасноста од ниска температура, а особено од обилни врнежи. Засеан во средината на април многу брзо ги поминува вегетативните фази на развој и, по правило, растенијата остануваат ниски, со мала содржина на влакно. Затоа е најдобро да се сее при крајот на март и почетокот на април.
Најзастапениот, влакнодаен лен се собира кога растенијата ќе добијат зеленожолта боја. Прибирањето е со корнење, заедно со коренот. За таа намена постојат специјално конструирани земјоделски машини. На помали површини се бере рачно, без никаков физички напор. Должината на вегетацијата е од 110 до 120 дена. За одвојување на влакното од дрвенестиот дел е потребно водна средина (специјални базени или реки) каде што ќе се изврши натопување на стеблата. Денес, за потребите на индустриското производство, се конструирани специјални турбини во кои се одвива процесот на одвојување на влакното од стеблото и чешлање на заостанатите делови од стеблото и кратките влакна од долгото влакно.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Агенција за финансиска поддршка на земјоделството: Ако не ги искористевме парите ќе ни беа одземени од ЕУ
-
Праските скапуваат, министерот се весели: Николовски глув за проблемите на земјоделците, прв за виолина на уво (ФОТО)
-
Министерство за земјоделство: Субвенциите се исплаќаат редовно и целосно
-
Ленот и водата прават чудо за 12 дена