Британците ископаа закон стар еден и пол век за да го судат единствениот емигрант што успеал да ги помине сите пречки поставени како од најапокалиптичен научнофастастичен филм, за од француското пристаниште Кале, во целосен мрак, да го помине евротунелот и да излезе во Велика Британија. Французите и Британците заедно со палки и со солзавци го штитат влезот во тунелот од наездата на емигранти. Германија како играч што сака да се наметне со добрата волја во европските игри со емигрантите, ја „срамат“ насилните демонстрации против азилантските населби. Италија и Шпанија апелираат со години барајќи чаре за илјадниците пренатрупани пловила со кои од Африка, преку Средоземно Море, на нивните брегови се истураат илјадници емигранти. И додека сѐ уште се остава на времето да залечи сѐ, Европа нема решение за најголемата човечка емиграција по Втората светска војна не поради финансиите – туку, пред сѐ, поради опасноста од измена на демографската мапа, која би ѝ се случила непланирано.
Добар дел од избегнувањето заедничко решение лежи и во најавата, предупредувањето, заканата што ја објавија џихадистите од Исламска држава, територијата што ја контролираат терористичките здруженија предводени од Ал Каеда. За потсетување, сите европски медиуми ја пренесоа пораката на ИСИС дека во Европа ќе испраќаат половина милион емигранти, сѐ додека не создадат хаос. Можеби токму во таа порака, и во реалноста што ги надвјаса сега европските граници, лежи причината за оставањето секоја држава да постапува како сака. И така ѕидовите што ги поставија Унгарија или соседна Бугарија да поминат без поголема врева.
Во истата таа голема слика може да се смести и сфаќањето на Британците, чиишто сознанија се дека најголемата бегалска криза се случува на нивна врата. Министерот за надворешни работи, Филип Хамонд во Британија турка мислење дека најголемиот број од емигрантите се Африканци што доаѓаат од економски потреби, а дека Британија за емигрантите е светиот грал.
Но, однесувањето кон емигрантите што доаѓаат од новите светски жаришта, како Блискиот Исток, државите од северот на Африка зафатени од Арапската пролет, па и земјите како Авганистан и Пакистан, кон европските држави, лежи и во фактот дека голем дел од озогласените џихадисти на ИСИС се токму луѓе што заминале од европските држави за да се борат во таа нова верска војна предводена од Ал Каеда. Ако неодамна најстравичната сцена во Велика Британија беше колежот што го извршија двајца муслимански доселеници врз британски војник-повратник од Блискиот Исток, сега дополнителен страв сее и најголемиот егзекутор на ИСИС, кој е момче од Велика Британија. Секако, тука се и стравувањата од повторувањето на „Шарли Ебдо“ и низа други терористички акции поврзани со џихадистите, чиишто слики за „обука на подмладокот“ се дистрибуираат преку социјалните мрежи.
Емигрантски камп или регрутен центар
Иако изгледа дека се плаши од поплава од емигранти и од современа „исламизација“ и терор на европските улици, професорот од Економскиот факултет, Славе Ристески, кој се занимава со демографските прашања, посочува дека овој наплив на емигранти, сепак, е дел од нова современа редистрибуција на работна сила.
- Според моето мислење се случуваат нови промени во светот, нова редистрибуција, нова современа емиграција, процеси, можеби, свесно, по некое сценарио за да се изврши балансирање на работната сила, која Европа ја нема, а бара извори на нова работна сила. На пример, водечката економија, Германија, последните 20-30 години има негативна ставка на наталитет – посочува Ристески.
- И оваа што се случува сега е организирана емиграција, само се третира како илегална. Страдаат жени и деца, но, сепак, е сценарио на моќни сили, на изворите на емиграцијата. Во основа се прави редистрибуција, која, можеби, е илегална, но е смислена. Се прави селекција на современа работна сила. Видете, на границата чекаат млади убави момчиња, кои знаат англиски и други јазици, кои се едуцирани. Големата Европа има негативен прираст и стравува за современа работна сила, не физичка како во 80-тите години од минатиот век, туку модерна, која има карактеристики што ги налага информатичкото општество. Друго, нивните деца (во Европа) не сакаат да работат како нивните татковци, туку тие се потрошувачки, консументски настроени. Така, европските држави стравуваат не од нив, од тие емигранти, туку од тие што се провлекуваат со нив. Навлегуваат цели семејства, па стравуваат од загрозување на националниот идентитет, мешање, иако современата модерна емиграција го надминува тоа. На пример, колку милиони Турци има во Германија? Проблеми со „исламизација“ се случуваат и во Франција, на пример, но таму брзо излегуваат на крај со тоа. Се води селективна емиграциска политика и голем дел од доселениците се приспособуваат на новите закони и промени. Така, во ЕУ не се плашат да ги сместат емигрантите, туку сакаат да ги „инфицираат“ и другите држави. Таквата ситуација станува опасност за слабите и неразвиени земји, кои, исто така, имаат проблем со наталитетот, како Македонија и Србија, на пример – додава Ристески.
Во насока на такво „инфицирање“ академик Катица Ќулавкова оценува дека станува збор за демографски инженеринг, односно нов „ред“ во согласност со геостратегиските интереси. Таа јавно праша: „Зошто не направат камп за азиланти во западноевропските држави?“ Во својот став преку социјалните мрежи заклучи: „Македонија наскоро ќе стане азилантски камп, а не транзитна зона на азилантите“.
- Земјите-членки на ЕУ подигаат ѕидови пред азилантите, поставуваат специјални сателити за контрола на границите, засилуваат безбедносни мерки, не избираат средства да го спречат овој бран (стимулиран не само од човечката несреќа), значи немаат намера да ги примат азилантите. Која им е тогаш намерата, не е тешко да се претпостави. Демографски инженеринг, создавање хаос за да се направи нов „ред“ во согласност со нивните геостратегиски интереси (територија, човечки ресурси, енергенти, вода за пиење, културно и природно богатство), нова „балканизација“, редизајнирање на државите… – напиша Ќулавкова.
Тоа инфицирање и воспоставување нов ред се врши со формирање „тампон-зона“ со кампови надвор од границите на ЕУ, на територијата на Македонија и на Србија, додека Грција – како членка на Унијата – ги турка емигрантите во Македонија, а Бугарија и Унгарија градат ѕидови за да го спречат неконтролираниот протокот на емигранти. Ако се земат предвид двете професорски тврдења, камповите би станале регрутен центар за избор на новата работна сила, додека со „непријатностите“ би се соочувале балканските земји. Истите кампови потоа, доколку е тоа потребно, лесно може да бидат контролирани за креирање кризи.
Балканот меѓу чеканот и наковалната
Доколку се разгледува случајот со Велика Британија и емигрантите што чекаат во Кале, а во контекст на тврдењата за редистрибуцијата на работна сила место за прифаќање азиланти, интересен е фактот дека лани, од приближно 26 илјади барања за азил, државата прифатила 10 илјади. Од друга страна, не се работи за бегалци заради сиромаштија, како што ги претставува Лондон, а меѓународната заедница не го признава како причина за доделување азил, туку повеќе од 70 проценти од нив се луѓе од Сирија, Еритреја, Авганистан, Дарфур, Ирак, Сомалија, држави, кои, според ОН, се земји уништени од војни, диктаторски угнетувања и од верски екстремизам, со што се квалификувани да добијат законско право да се засолнат во Европа.
Тоа што денеска светот сведочи за однесувањата на Велика Британија кон емигрантите „заглавени“ во Кале, не е многу поинакво од односот што Британците и другите „стари“ Европејци го имаа кон Полјаците, Бугарите или кон Романците по проширувањето на Европската унија.
Релативната економска и политичка стабилност во Унијата се тие што ја прават привлечна за емиграција, наведува и Евростат, агенцијата за статистика, која ги следи и овие промени во Унијата. Последните податоци покажуваат дека на први јануари 2014 година во ЕУ живееле 19,6 милиони граѓани што не се од Унијата, додека бројот на сите тие што биле родени надвор од Унијата изнесувал 33,5 милиони граѓани. Обновените податоци од оваа година покажуваат дека најмногу странци се забележани во Германија, Велика Британија, Италија, Шпанија и во Франција. Во овие пет држави живеат 76 проценти од вкупниот број странци во Унијата.
Процентот на странци што се преброени од Евростат, всушност, е во голема мера поврзан со наталитетот во тие држави. Токму развиените држави во Европа според демографијата се земји со алармантен пад на наталитетот и на фертилната база. И ним најмногу им е потребна редистрибуција на работна сила. Стравот од ширењето на екстремистичкиот ислам, исто така, е голем. И токму во тој момент Балканот е препознаен како местото меѓу чеканот и наковалната.
Пишува: Наум Стоилковски
(Текст објавен во 156. број на неделникот „Република“, 28.08.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.