Св. Климент е заштитникот на градот Охрид. Уште при првата посета на овој град, кога во самиот центар на плоштадот ќе го забележите споменикот на св. Климент, кој во раката го држи моделот на градот Охрид, сфаќате дека граѓаните со пиетет го прославуваат ликот и делото на Климент.
– Уште кога за првпат го посетив градот, имав чувство дека ме огрева чудесен зрак на необјаснива светлина која не доаѓа од сонцето, ниту од Охридското Езеро. Таа светлина зрачи од духот на светецот-заштитник на градот, основачот на Охридската архиепископија и нејзин прв епископ, просветител и втемелувач на старословенскиот јазик како трет службен јазик на православната црква, свети Климент Охридски – ни рече една посетителка на храмот на Плаошник.
Св. Климент го чувствувате кога чекорите по тесните, камени улички во стариот град, кога на лицето го чувствувате „стрмецот“, кога влегувате во охридска куќа варосана во бело, кога ги допирате ѕидовите од охридските древни цркви, во кои соочени со ликовите од фреските и иконите, се соочувате со вечноста. Св.Климент го чувствувате секаде.
Легендата вели дека кога св. Климент стигнал во Охрид, не само што почнал да ги подучува неговите жители на глаголското писмо, туку, гледајќи дека луѓето живеат во колиби покриени со слама почнал да ги подучува и како да градат убави куќи од камен.
Прво ја соѕидал својата црква, а потоа сите почнале да ѕидаат убави камени куќи. Ги учел да садат и да калемат овошки, ги лекувал со тревки и со разни растенија, ги подучувал како да избегнат опсади на освојувачки војски.
Климент бил еден од најдобрите ученици на св. Кирил и Методиј, кој учествувал во нивната Моравска мисија. По смртта на своите учители, тој и неговите соученици биле протерани од Моравија и Панонија и се упатиле во областа Кутмичевица, во околината на Охрид.
Климент околу себе собрал 3.500 ученици и затоа се смета за основоположник на Првиот словенски универзитет. Седум години преведувал евангелија, ги поставил основите на црковнословенскиот јазик, ја создал првата црковна библиотека на Балканот, бил музички педагог и композитир на духовни творби. Течно зборувал и пишувал латински, хеленски, хебрејски, хазарски, а го познавал и арапскиот јазик.
Над градот Охрид, на брегот на Охридското Езеро го изградил манастирот „Св. Пантелејмон“, а погребан е во гробот кој самиот си го подготвил, од десната страна на предолтарниот простор, во неговата црква на Плаошник.
Во времето на Османлиите неговата црква била претворена во џамија, а моштите тогаш му биле пренесени во црквата наречена „Мал Свети Климент“. Црквата позната како „Мал Свети Климент“ се наоѓа меѓу куќите, во срцето на стариот дел на градот Охрид, на улицата „Методи Патчев“, веднаш над познатата Куќа на Робевци.
– Оваа црква ѝ припаѓа на малите еднокорабни охридски цркви од 14. век. Фрескосликарството на непознатиот локален зограф е едно од подобрите остварувања во Охрид. Треба да се спомене дека во 14 век, кога манастирот „Свети Пантелејмон” е претворен во џамија, моштите на св. Климент се пренесени токму во оваа црква – ни раскажаа кога ја посетивме оваа црквичка.
Овде дознаваме дека подоцна моштите на св. Климент биле пренесени во црквата „Богородица Перивлепта“, која народот спонтано ја нарекува „Св. Климент“. По реизградбата на Светиклиментовата црква „Св Пантелејмон“ во 2002 година, конечно моштите на светителот и заштитникот на градот се вратени на Плаошник.
Црквата „Свети Климент и Пантелејмон“ претставува реплика на постарата црква „Свети Пантелејмон“ која ја изградил Климент во 863. година на истото место. Црквата „Свети Пантелејмон“ била неколкупати обновувана сѐ до 15. век, кога конечно била урната од Османлиите и на нејзините темели била изградена џамија позната како Имарет-џамија.
– Народното предание дека на ова место постои Климентова црква и неговата гробница беше потврдено по првите археолошки ископувања во 1943 година, кога проф. Димче Коцо ги откри темелите на Климентовата црква и во исто време и гробницата на Св.Климент Охридски – ни раскажаа на Плаошник.
Проектот за изградбата на црквата е дело на Тања Паскали Бунташеска, директор на Завод и Музеј – Охрид и во неговата изработка учествувале околу двесте стручни лица и градители. Камен-темелникот на возобновената црква беше поставен во 2000 година, а обновувањето е извршено по претпоставен изглед, врз темелите на старата црква, и како пример биле земени црквите од Охрид и од неговата околина.
Кога ќе влезете во црквата вниманието ќе ви го привлече Светиклиментовиот гроб, кој во новиот храм е на старата гробна конструкција, целиот под стакло, а над него има саркофаг од мермер во кој се наоѓа ковчежето со моштите на свети Климент. На јужната страна на гробот се поставени икони на свети Климент и на свети Пантелејмон. Од другата страна се наоѓа дрвена скулптура на свети Климент од 13. век пронајдена во црквата „Богородица Перивлепта“. Во новоизградената црква и околу неа има стаклени подови за да се гледаат остатоците од стариот храм.
Сочуваните фрески се специјално претставени во долните зони од внатрешноста, зашто храмот е споменик на културата. Од оригиналите, сочувани се основите на столбовите и една костурница во централниот дел од храмот. На овие места е поставено дебело стакло, за да може посетителите да ја согледаат целата конструкција на црквата.
Со лим се одвоени и старите делови од сочуваната архитектура – во долните зони, веднаш над темелите. На надворешниот, северен дел, оставени се белези од Султан-Мехмедовата (Имарет) џамија, за да останат и белези и од османлискиот период.
Камбаната тежи три тона и е изработена во ливница во Верона. На ѕвоното има излеано детали со религиозни теми од Стариот и од Новиот завет како и податоци и ликови на ктиторите.
Охрид, со заслуга на Климент, добива значење на словенски центар. Светлината што во Охрид ја донел Климент и денес како ореол зрачи над градот и неговите луѓе. Тоа е онаа чудна, необјаснива светлина што зрачи од секое камче во Охрид. Затоа од Охрид понесете си едно камче за да не ја заборавите Светлината.
Пишува: Невена Поповска
(Текст објавен во 155. број на неделникот „Република“, 21.08.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.