Во Гевгелија денеска се видливи ефектите од присуството на припадниците на специјалните полициски сили за брзо распоредување и АРМ на границата со Грција со цел да се спречи неконтролираното влегување на емигрантите во Република Македонија, јавува допосникот на МИА.
Улиците околу железничката и автобуската станица во Гевгелија речиси се празни, а емигрантите ги нема ниту во таканаречениот „Виолета парк“ кој до вчера беше целосно запоседнат од нив, ниту, пак, пред зградата и околните станбени објекти во близина на транспортниот центар.
Жителите од тој дел на Гевгелија велат дека од утрово, прв пат од почетокот на бегалската криза, повторно можат непречено да излегуваат и влегуваат во своите домови.
На железничката станица во Гевгелија денека беа присутни околу стотина емигранти кои некако успеале уште од синоќа да ја поминат границата и откако добија документи со специјален воз заминаа кон Табановце. Вработените велат дека таков мир немаат почувствувано многу одамна и дека сега ќе можат многу повеќе да се посветат на санирање на штетите што ги предизвикаа емигрантите.
Ситуацијата е нешто понапната на граничната линија каде во должина од околу 400 метри е поставена ограда од жица. Емигрантите не се пропуштаат во Македонија. Тие се наоѓаат на грчка територија и според проценките ги има околу три до четири илјади. Својот револт што не ги пропуштаат преку границата го изразуваат на начин што лежат на шините и го попречуваат одвивањето на железничкиот сообраќај меѓу Македонија и Грција.
Напливот на емигранти денеска е намален и на северната граница. Жителите на маалото Сланиште лоцирано на крајот од кумановското село Табановце, над железничката пруга, информираат дека од вчера и изутринава не се забележани поголеми групи емигранти
Тие велат дека откако екипите на Црвениот Крст и на УНХЦР ги поставиле монтажните објекти, емигрантите не минуваат во голем број по нивите, односно илегалните патишта кои водат кон соседна Србија.
Жителите на Сланиште велат дека се чувствуваат побезбедно откако вчера беше прогласена кризна состојба поради напливот на емигранти. Жителите и граѓанските активисти од повеќе невалдини организации кои беа лоцирани на ова подрачје, потврдуваат дека вчера пристигнал еден воз од Гевгелија околу 13 часот.
Од Итната помош Куманово изутринава потврдија дека вчера не интервенирале на Железничката станица во Табановце. Од општинската организација на Црвениот крст Куманово информираат дека нивни активисти помагаат на јужната граница и дека на Железничкиот премин Табановце нема потреба од поголема ангажираност, бидејќи нема наплив на емигранти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



