Костенот е стопански значајна овошна култура во некои земји од Европа, во Азија и во Северна Америка, а делумно и во некои земји од Северна Африка. Најголемиот светски производител на костени е Кина. Во Европа, поголеми производители на костени се: Италија, Франција, Шпанија и Португалија. Присособен е на умерени, топли и повлажни подрачја, на длабоки, топли, пропусливи почви со растресита каменлива здравица поставена на силикатна подлога. Костенот е значајна култура чие одгледување е доста исплатливо и ефикасно, но кај нас неговото одгледување е крајно запоставено и се среќава единствено во спонтани природни популации во неколку региони погодни за успевање на оваа култура.Токму поради тоа може да стане добра можност за бизнис на секој што сака да започне со профитабилно одгледување костени.
Питомиот костен во природна популација вo Македонија е раширен на неколку локации и тоа: дебарско-струшкиот регион, гостиварско-тетовскиот регион, кичевско-бродскиот регион и битолско-прилепски регион, а во скопскиот регион е распространето на северната страна на планината Водно и на југозападната страна на Скопска Црна Гора, потоа во струмичкиот регион, на северната страна на планината Беласица и на други локации, но во помали размери. Во природни асоцијации костенот се размножува со изданоци и со семе. Во расадниците може да се калеми на изданоци добиени од семе на питом костен. Овошките добиени по пат на калемење прородуваат многу побрзо во споредба со овошките настанати од семе.
Одгледувањето на костенот има многу позитивни страни, како што се: долговечна култура, овошките постигаат старост и над 500 години, имаат одлична родност, има мал број природни непријатели (болести и штетници), ако се одгледува во поволни еколошки услови може да се одгледува и без никаква заштита. Плодовите имаат голема биолошка вредност. Содржат скроб од 38 до 42 отсто, шеќер од 22 до 29 отсто, масти од 3.0 до 7.2 отсто, белковини 5.2 до 5.8 отсто, целулоза од 1.6 до 2.8 отсто, минерални материи од 0.98 до 2.1 отсто, витамин Ц од 10 до 37 мг во 100 грама костен, и други корисни материи.
Плодовите на костенот созреваат на крајот на октомври. Тие се лесно пренесливи, и може да се чуваат долго време. Плодовите може да се употребуваат свежи, но и во разни видови кондиторски производи. Костенот претставува одлична пчелна паша. Од котата на плодовите и од листовите се добиваат танини, кои имаат разновидно значење во прехранбената индустрија, во фармацевтската индустрија и во индустријата за мебел. Дрвото од костен има одличен квалитет и се користи во градежништвото како техничко дрво. Стеблото од костен достигнува големи размери, има широка круна и декоративен изглед и поради тоа има голема примена во пејзажната архитектура како украсно растение.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Агенција за финансиска поддршка на земјоделството: Ако не ги искористевме парите ќе ни беа одземени од ЕУ
-
Праските скапуваат, министерот се весели: Николовски глув за проблемите на земјоделците, прв за виолина на уво (ФОТО)
-
Министерство за земјоделство: Субвенциите се исплаќаат редовно и целосно
-
УХМР: Временските услови погодни за земјоделски активности