Веднаш по победата во финалето на Роџерс купот во Монтреал над Новак Ѓоковиќ, Енди Мареј изјави дека одредени медиуми се обидувале да го скараат со добриот пријател и најдобриот тенисер на светот.
Новак Ѓоковиќ и Енди Мареј се познаваат уште од јуниорските денови, но Британецот призна дека имало голем медиумски притисок со цел нивниот однос да се направи поинтересен.
– Луѓето ми зборуваа дека денес тенисот е досаден и дека сите врвни играчи имаат добри меѓусебни односи. Во последниве години од медиумите почнав често да добивам прашања за мојот однос со другите тенисери. Сакаа јас и Новак да не се сакаме, или Рафа и Роже – едноставно да постои одреден анимозитет. Бараат нешто како она што се случи минатата недела меѓу Кириос и Вавринка – вели Енди Мареј.
Ваквиот однос на медиумите започна по финалето на ОП на Австралија кога со инсинуации почнаа да го наведуваат Мареј да се посомнева дека Ѓоковиќ глумел повреда за да земе подолг одмор. Тогаш Мареј го отфрли како шпекулации и не сакаше да поверува во тоа.
– Многу го почитувам Новак како тенисер, го познавам уште од времето кога имавме по 12-13 години. Тешко е да се биде екстремно близок со некој против кого имаш големи мечеви, тоа е нормално. Но, ние имаме одличен однос. Пред некој ден заедно игравме баскет и со Новак функционираме многу добро – истакнува вториот светски рекет.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.