| четврток, 6 декември 2018 |

Изложба на илустрации од детски книги објавени во Израел од 1948 година до 2014 година на „Битфест“

Во програмата на „Битфест“, овој пат, на битолската публика ќе ѝ биде претставена изложбата на илустрации од детските книги издадени во Израел во периодот од 1948 година до 2014 година која на еден лесно разбирлив и описен начин зборува за изградбата на свеста на националниот идентитет преку сликовниот јазик на детските илустрации. Станува збор за изложбата под наслов: „ЕВЕ СУМ“- Израелските предели во илустрациите на
детски книги издадени од 1948 до 2014, која ќе биде отворена во просториите на НУ Завод и музеј Битола, вечерва со почеток во 19 часот.

Изложбата, која е подготвена на македонски јазик, премиерно се прикажува на „Битфест“ 2015, а куратор е еминентната израелска илустраторка Лиора Гросман. Гросман е израелски графички дизајнер и илустратор, како и поранешен професор по уметности на неколку угледни Израелски уметнички академии. Таа работела како илустратор за водечките весници и списанија на Израел, како и за бројни издавачки куќи на книги за деца и млади во Израел и пошироко. Нејзиното резиме брои над 150 илустрирани книги, бројни илустрации за разни рекламни кампањи како и кураторство над неколку меѓународни изложби на Израелската детска книга, со предавања во САД и Јужна Америка.

Изложбата ќе биде отворена во присуство на Н.Е. Дан Оријан, амбасадор на Израел во Македонија и градоначалникот на Битола д-р Владимир Талески.
Г-ѓата Лиора Гросман ќе даде осврт за значењето на детската илустрација во градењето на идентитетот на генерациите што доаѓаат. Таа вели:„Фасцинантно е да се истражат невидливите конци кои ги поврзуваат илустраторите на детски книги од сите историски периоди и потоа да го дефинираме ова недофатливо нешто, коешто е ‘Ние’.“

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top