Македонските реномирани уметници Дороти Пачкова, Илија Прокопиев, Горан Менков и Елена Алчева, со поддршка од Министерството за култура, во втората половина од годинава ќе го претстават своето уметничко творештво во галеријата „Прима центар“ во Берлин.
Во рамки на своето единаесетгодишно постоење, галеријата „Прима центар“ во Берлин има реализирано 170 изложби на повеќе од 450 автори. Оваа импозантна бројка само го потврдува фактот дека „Прима центар“ во Берлин е веќе афирмирана галерија која високо котира на берлинската уметничка сцена, а ваквиот успех беше доволен индикатор за соработка меѓу галеријата и Министерството за култура на Република Македонија, која трае веќе девет години.
Галеријата „Прима центар“ во Берлин е алтернативен простор во кој уметниците имаат можност да ги претстават своите дела пред берлинската јавност. Таа ги поддржува уметниците во секој поглед, од реализација на уметничкиот концепт, па сè до промоција пред професионалната публика и пошироката јавност. Таа е отворена во 2004 година и е вклучена во Здружението на интернационални уметнички галерии на Берлин (Вединг) – Колони Вединг, стои во соопштението од Министерството за култура.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.