За жал, главната битка против турбофолкот, кој е израз на невкус и е директен напад на македонската култура па дури и на македонскиот менталитет, не ја водеа државните институции или водечките медиуми, туку корисниците на социјалните мрежи. Дури и најзакоравените обожаватели на турбофолкот не можеа да ги игнорираат зајадливите и потсмешливите коментари на „Фејсбук“ и на „Твитер“, каде што сѐ поотворено се критикува увозот на „сомнителна музика“, која полека но сигурно ја презема доминантната улога што некогаш во македонската музичка култура ја имаа Јонче Христовски, Вања Лазарова, Никола Бадев, Александар Сариевски и дел од нивните, сѐ уште активни, наследници. Рецептот е едноставен, треба да се игра мајтап со сите видови на кич и на шунд и со сите видови лажни величини кои со помош на македонските медиуми себеси се претставуваат како да се на исто ниво со Виенската филхармонија. Се разбира, не треба да се залажуваме дека со една добиена битка и со откажаните концерти на Шабан Шаулиќ и на Аца Лукас битката е добиена. Македонија ќе има уште многу битки, пред сè со својата младина, пред турбофолкот да стане маргинална општествена појава која и покрај тоа што нема никаква вредност, создаваше и сѐ уште создава значаен дел од нашиот менталитет и од нашите културни вредности. За да може битката на крајот да биде добиена, треба да се исполнат неколку предуслови.
Најпрвин, Македонија мора да најде сили за да го анимира замреното музичко творештво што во земјава е познато под називот „народна музика“. Со оглед на тоа што во 21 век нема песни и музички дела кои се пренесуваат од колено на колено со што би станале народни и сега јасно се знае кој е автор на музичките хитови, доволно е да се стимулира продукција на автентична македонска народна и забавна музика која ќе ја пополни празнината меѓу тие што своевремено пееја народни песни кои сè уште се хитови, како на пример, евергрините на Симеон Гугуловски, Верица Ристевска, Славе Димитров, и сегашната зачмаеност на музичката сцена. Дали тоа ќе се направи со засилена поддршка на фестивалите на народна и на забавна музика, дали со јавни конкурси за творци на автентична македонска музика или со друг вид стимулација за тие што работат на ова поле е неважно, поважно е земјата да се обиде да одговори на културниот хегемонизам што ни се наметнува најчесто од Србија. И тука не се работи за некаков антисрпски заговор затоа што пребирливата македонска публика и музичката елита нема и нема ни да има ништо против гостување на вистински музички вредности, како Јован Колунџија или Стефан Миленковиќ во македонските концертни капацитети.
Штетни последици
Во Македонија сè уште немало истражување за влијанието на турбофолкот на младите луѓе кои се негови најголеми консументи, но не треба многу да се истражува за да се видат последиците. Овој музички жанр што се роди во рурална Србија, а стана доминантен балкански тренд во ерата на Милошевиќ, не нуди никави вредности, ниту во музичка ниту во поетска смисла. Младите го прифаќаат без да размислат кои се пораките од него и истите преку методите на идентификација и на имитација стануваат дел од начинот на однесување. Бранителите на овој вид музика и на супкултурата што ја создава турбофолкот, велат дека и во него има квалитет, но ако се суди според текстовите, такво нешто не може да се види. „Родиќу ти сина краља кокаина“, „Зла Барбика“, „Манијак“, „Као Кокаин“, „Спонзоруша“ се само дел од песните кои не само што не нудат некаква дополнителна едукативна компонента, туку создаваат начин на размислување кој е во најмала рака тажен, затоа што голем дел од младите така ги градат своите вредносни системи и ставови. Колку овој процес навлегол во македонската музика, најдобро можеше да се види на телевизиските музички натпревари од типот на „Х – фактор“, „Идол“, „Ѕвездите на Гранд“ и слични, каде што најголем дел од македонските изведувачи на изненадување на жирито составено од автори на новокомпонирана музика, наместо со песни на Васка Илиева или на Љупка Димитровска, на пример, настапуваа со песни на Цеца и на Драгана Мирковиќ. Овој поразителен факт, кој покажува дека дури и младите македонски изведувачи се срамат од својата музика, е најдобар показател за тоа каков проблем има Македонија со сопствениот културен идентитет. Исклучоците во кои српски, босански или хрватски изведувачи пееја песни од Тоше Проевски, ни оддалеку не можат да го избалансираат минусот што Македонија го трпи од балканските музички трендови.
Одговорноста е и кај музичарите
Покрај Министерството за култура, кое ќе мора да изготви стратегија за промена на оваа состојба, главниот товар во битката против турбофолкот треба да го имаат и музичарите. Тие заедно со музичките промотoри треба да се обидат да ја вратат автентичната македонска музика на старите патеки на славата. Македонија не може да се пожали дека нема автори или изведувачи, отсекогаш ги имала и ќе ги има, но се чини дека деценијава зад нас, во музичка смисла, е еден од најбедните периоди за земјата. Како што на времето „Мизар“, „Анастасија“ и Драган Даутовски покажаа дека и македонската андерграунд и македонската етномузика може да им парира на ексјугословенските и на светските музички ѕвезди, така и сега членовите на овие групи и нивните наследници имаат задача да ја вратат македонската музика на вистинскиот пат. Во тој обид потребна е поддршка од државни институции, но крајниот исход зависи од волјата да се создава автентична музика која подоцна би можела да носи и комерцијални придобивки. МРТВ има централна улога во одбрана од турбофолкот. Во битката со турбофолкот, еден од главните играчи мора да биде Јавниот сервис МРТВ, кој има законска одговорност за промоција на вистинските македонски музички и културни вредности и кој, на останатите комерцијални медиуми треба да им дава насока како да се врши едукативната компонента при емитување програма. Приватните телевизии немаат концизна одговорност кон јавноста при изборот на музичките програми и тие сѐ додека не видат дека и македонската музика може да донесе пари и гледаност нема да ја сменат својата шема. Оттука се поставува прашањето зошто МРТ досега не организираше своја програма каде што ќе се бараат таленти меѓу пејачите и авторите, и на забавна и на народна музика. Не е предоцна да се започне со оваа или со друга слична идеја, но само ако се започне во догледно време и на организиран начин кој ќе донесе резултат на подолга патека. Во меѓувреме, ќе им се радуваме на откажаните концерти на Аца Лукас и ќе се сеќаваме на прекрасните изведби на Кирил Манчевски, на Сашка Петковска, на Зафир Хаџиманов, надевајќи се дека наскоро тие спонтано ќе добијат вистински наследници.
(Текст објавен во 153. број на неделникот Република, 7.08.2015)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.