Пратеници од партијата на германската канцеларка Ангела Меркел гневно реагираа на изјавата на еден од нејзините најблиски сојузници, кој ги повика пратениците кои гласаат против Владата за новиот спасувачки план за Грција, да ги напуштат важните парламентарни функции, пренесе ДПА.
-Оние кои гласаат ‘против’ не можат да останат членови на парламентарните комисии, во кои е важно да се зачува мнозинството, на пример. во буџетската или комисијата за европски прашања, рече претседателот на парламентарната група на Демохристијанската унија (ЦДУ) Фолкер Каудер за весникот „Билд ам зонтаг“.
Пратеникот на ЦДУ, Александер Функ, денеска за весникот „Билд“ изјави дека изјавата на Каудер „го дисквалификува“ од неговата функција претседател на парламентарната група.
Обновените тензии во коалицијата на Меркел за евентуалниот финансиски спасувачки план за Грција во износ од 86 милијарди евра се меѓу знаците дека финансиски заслабената Атина и нејзините кредитори се блиску до спогодба за овој трет спасувачки план за Грција за следните пет години.
Незадоволството во редовите на ЦДУ на виделина го извади и отпорот на многумина пратеници да се продолжи со финансиската помош за Атина и раздразнетоста на гласачите од можноста германските даночни обврзници да долеваат уште пари во Грција.
Германија имаше најголем придонес во претходните два спасувачки плана, забележа ДПА.
Парламентарните гласања меѓу 311-те пратеници од ЦДУ и нејзината коалициска Социјалхристијанска унија (ЦСУ) годинава покажуваат пад на поддршката за уште помош за Грција.
Во текот на јули дури 60 пратеници од парламентарната група на ЦДУ-ЦСУ, многу повеќе од очекуваното, го кренаа гласот на незадоволство и гласаа против планираниот тригодишен спасувачки план.
Врховниот суд на Германија пресуди дека Парламентот треба да ја одобри секоја идна финансиска помош за задолжените земји од еврозоната, каква што е Грција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.