Владата за денеска закажа седница на која ќе бидат разгледани состојбите по поплавите што ги предизвикаа вчерашните обилни врнежи во Тетово.
Како што соопшти доцна синоќа премиерот Никола Груевски, кој итно го посети Тетово, ќе се утврдуваат натамошните активности, но прво помошта за населението и за субјектите.
Според првичните процени, штетите од поплавите се најголеми во Шипковица. Сосотојбата е лоша и во Голема Речица каде што дошло до излевање на реката од надојдените води, а има и информации за жртви.
– Ја посетивме и тетовската болница каде што од директорот бевме информирани дека тука биле донесени две починати лица, како и девет повредени, од кои едно е испратено во Скопје поради тежината на повредите и едно е задржано за лекување тука. Жалам што се случи ова, но максимално се ангажирани сите инстутуции и на централно и на локално ниво да им се помогне на луѓето во погодените места – истакна премиерот Груевски откако направи увид директно на терен и поразговара со надлежните и со граѓаните.
Груевски во Тетово беше придружуван од вицепремиерот Владимир Пешевски, министрите за одбрана и МВР Зоран Јолевски и Митко Чавков, како и државниот секретар за транспорт и врски Божидар Петроски, кој повика компании од Скопје со кои Владата има склучено договор за вакви ситуации.
На помoш доаѓаат и тие фирми, кои Владата ги има ангажирано за овој регион.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.