Уметникот Сергеј Андреевски е најавен како ексклузивен гостин на првата Интернационална средба на уметници со наслов „Ин ситу“ што се одржува од денеска до 13 август во Тунис.
Престојот на Андреевски е целосно поддржан од министерот за култура на земјатадомаќин. На настанот, што го организира тунискиот Синдикат на ликовни уметници, учествуваат уште 25 уметници од 23 земји од светот и 20 млади уметници од Тунис.
Идејата на организаторот е да направи синергија меѓу различните форми на уметност: танц, поезија, музика, ликовна уметност … , а сето тоа ќе се случува во магичниот амбиент на Сиди Бу Саид (Sidi Bou Said) т.н. „Син град“. Сакаме да направиме средба што ќе биде спонтана, исполнета со импулсивност, забава, една поинаква музика…; ни треба време за заедничка дружба, да се запознаеме меѓу себе, да ги прифатиме нашите различности; преферираме спонтаност, искрена уметност, ослободување на потиснатото, уметност без цензура далеку од вревата на светот и хоророт на војните, изјави Махмуд Чалби, еден од најмаркантните туниски уметници и член на организациониот одбор. По Тунис, ликовното патешествие на Сергеј ќе продолжи во Словачка каде што ќе биде гостин на Меѓународната ликовна колонија „ДунАрт“ во градот Шаморин.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.