Со почетокот на новата учебна година ќе се спроведат неколку нови работи, за кои подолг период правевме анализи и оценивме дека е потребно и дека постои простор да се спроведат, да бидат добро прифатени и да донесат одредени придобивки на пократок или на подолг рок, најави министерот за образование и наука Спиро Ристовски во интервјуто за неделникот „Република“.
– Република Македонија минатата година стана единствената земја и лидер во регионот, која го спроведе еден од најквалитетните образовни системи, Кембриџ. Учениците од прво до трето одделение веќе ги изучуваат предметите математика и природни науки по целосно нови наставни програми и учебници на Меѓународниот центар за наставни програми на Кембриџ, практично најголемиот светски провајдер на меѓународни образовни програми и квалификации за деца на возраст од пет до 19 години, чиишто програми се прифатени во 160 земји и во повеќе од 9.000 училишта – вели Ристовски.
Во новата учебна година продолжува надградбата на оваа крупна реформа, односно по учебниците на Кембриџ ќе учат и учениците од четврто до шесто одделение, а од 2016/2017 година ќе бидат опфатени и учениците од седмо до деветто одделение.
– Со ова, практично, ги елиминираме сите дилеми дали одреден учебник или програма е добра или не и дали соодветствува на возраста на ученикот или не. Морам да признаам дека навистина ми е драго и спокоен сум што и моите деца, во многу скоро време ќе учат по овој целосно нов и современ концепт. Така што, оваа реформа би ја коментирал како најзначајна, иако има и низа други – смета министерот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.