| четврток, 6 декември 2018 |

Турски директор им подели 27 милиони долари на вработените

Невзат Ајдин, коосновач и главен директор на турската компанија за достава на храна “Yemeksepeti”, одлучил дека добивката остварена при продажбата на компанијата треба да ја подели со своите работници. Станува збор за 27 милиони долари, од вкупно 589 милиони, за колку што Ајдин ја продал својата компанија на една германска компанија.

Шефот својот потег го објаснил многу едноставно – и работниците заслужуваат дел од колачот.

-Мојата компанија, која е основана пред 15 години, не го оствари успехот преку ноќ. Сите тие учествуваа во тоа, со своите вештини и напорната работа – рекол Ајдин.

Добивката остварена со продажбата, шефот ќе ја подели со 114 работници, чии плати инаку изнесуваат од 1.000 до 2.000 долари. Секој од нив во просек ќе добие околу 237.000 долари. Колку точно секој од нив ќе добие, ќе биде одредено на основа на стаж, поединечен придонес и потенцијалот.

– Знаев дека шефот планира да нè награди, но немав ниту приближно претстава за каква сума се работи. Кога ни ја соопшти својата одлука, тоа беше многу емотивен момент за нас. Овој износ ќе ни го промени животот – рекол Недин Нахмиас, еден од вработените.

Неговата компанија е еден од најуспешните турски брендови, а соработува и со други земји, меѓу кои и ОАЕ, Саудиска Арабија, Либија и Јордан.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top