Таа го урива митот дека жената мора да избере меѓу семејството и кариерата. Докажа дека жената може да биде посветена мајка и успешна бизнисменка. Со сопственичката на центрите за слабеење „Силуете“, Мелина Милески, разговараме во текот на седмиот месец од нејзината четврта бременост. Нејзиниот најстар син Дино има 11 години. Потоа се родија близнаците Лина и Лука. Најмала е Лана, која има 4 години, а некаде во октомври ќе се роди и петтото дете. Мелина вели – цело е кога има сѐ. Децата, вели таа, ја прават побогата и посреќна.
Дваесет и пет години успешен бизнис. Од каде идејата да се почне со козметички салон? Во времето кога Вие почнавте со тој бизнис, центрите за убавина и не беа познати во Македонија.
Мелина: Навистина во тоа време немаше центри за убавина, за слабеење. Можеби се наоѓаше по некој помал салон во градот, но главно третмани за лице со маски, без апарати. Ние кога почнавме, почнавме со третмани за слабеење. Тоа ни беше главна дејност во првите неколку години. Почнавме со апарати кои се дел од медицината, од физикалната терапија. Донесовме два биостимулатори. Тој метод сѐ уште се користи, само со понови, пософистицирани бранови. Основата е таа – да се зајакне мускулатурата. И денеска главна дејност ни е третманот за слабеење, но ги збогативме услугите со третмани за лице, коса. Пред 25 години, навистина, тоа беше нешто ново во градот. Луѓето беа многу скептични кога доаѓаа, кога ќе ги видеа апаратите. Во тоа време имавме „трим столови“, како замена за физичка активност. Голем дел од клиентите што ги имавме тогаш и денес се наши клиенти. Среќна сум што продолживме во нагорна линија. Ако тогаш сме имале 3-4 апарати, денес само во едниот салон имаме повеќе од 50 машини.
Кога се родија близнаците,
сфатив дека со повеќе деца
е многу поубаво.
Едноставно,
сакаме повеќе и повеќе
Почнавте со еден салон, таа бројка денес е зголемена
Мелина: Денес имаме шест салони. Во „Сити мол“ сме три години, имаме голем салон од 150 квадрати. Целта ни беше да имаме градски спа-центар во кој секоја жена или маж ќе може да си дозволи релаксација, а истовремено да ги добие и сите потребни третмани. Да ужива во сите методи кои се појавуваат и на крај да го добие финалниот ефект со нокти, педикир.
Често слушаме дека жената треба да одбере меѓу бизнис и семејство, дека двете работи не одат заедно. Но, вие покажавте дека една жена може да биде и сопруга, и мајка, и успешна бизнисменка истовремено. Имате четири деца, го очекувате петтото. Вашиот бизнис не стагнира, напротив оди во нагорна линија.
Мелина: Не сметам дека треба да се жртвува едното за другото. Јас сум пример за тоа, а знам и многу други жени. Мислам дека жените од ова поднебје најмногу успеваат да бидат она – цело е кога има сѐ. Секоја жена посакува да биде мајка, да ја почувствува како мајка, а истовремено е важно и кариерата да оди нагоре. Сметам дека едно со друго треба да се надополнуваат. Со една добра организација, секако голем напор, сѐ се може.
Кога се роди Вашето прво дете, рековте дека ја добивте алката која Ви недостигаше. По првото дете дојдоа близнаците, па потоа и четвртото дете, а наскоро ќе се роди и петтото. Од каде таа желба за повеќе деца?
Мелина: Некако кога се родија близнаците се исполни куќата. Случајно дојде и четвртото планирано-непланирано. Сè така некако се случуваше. Така и за петтото. И јас и сопругот сакаме деца и уживаме во нив. Сакаме да се многу, тешко е, но ме исполнува многу. Некако кога се родија близнаците сфатив дека со повеќе деца е многу поубаво. Едноставно, сакаме повеќе и повеќе.
Ја имате поддршката од сопругот околу чувањето на децата? Кој ја има главната улога во воспитувањето на децата?
Мелина: Тој сака деца, знае да ги забавува, да игра со нив. Знае да ги анимира и да го слушаат многу повеќе отколку мене. Мислам дека секоја мајка го има тој момент кога дури ѝ е криво. Колку и да се трудам, веројатно сум построга, како мајка поодговорна за детето да направи некои работи. Таткото е тука за забава и некако на полесен начин успева да издејствува послушност од децата. Инаку, кога е во прашање воспитувањето, нема доминација. Двајцата сме вклучени во тој процес.
Ви недостига ли некогаш денот да трае подолго од 24 часа?
Мелина: Со три телефони сум, секогаш е хаотично. Станав утринава во 5 часот. Сакам работата да ја завршам, имаме новитети во салонот. Секогаш кога сум бремена добивам нови идеи. Со претходното дете отворав салони низ Македонија. И со близнаците имав отворање салон. Со оваа бременост почнуваме со нови апарати. Сега стартуваме со колагенариум, метод што го нема на Балканот. Тоа се колагенски лампи со кои по десетина минути третман продукцијата на природниот колаген во телото се зголемува. Денес има многу методи со кои на природен начин се забавува процесот на стареење, се поттикнува производството на колаген и на еластин.
Вие сте во седмиот месец од бременоста, немате воопшто покачена телесна тежина. Некои ќе речат дека се е благодарение на апаратите. Сепак, тоа е ограничено за време на бременоста. Како успевате да изгледате како што веројатно секоја жена посакува да изгледа за време на бременоста?
Мелина: Се разбира дека не правам третмани за време на бременост и не ги ни препорачуваме. Евентуално може да се направи некоја лесна масажа во второто тромесечје. Сметам дека е најдобро да се прават лесни вежби кои се препорачуваат за бремени жени. Исхраната е многу важна. Во мојата професија сум се сретнала со многу жени, на различни возрасти, кои станале мајки, кои целосно ја уништиле својата кожа и својата фигура поради тоа што не знаеле да „кренат рачна“, да имаат „самоконтрола“. Многу е важна здравата исхрана. Во текот на бременоста, а и надвор од неа, се доаѓа од умот и сами треба да одлучиме каква исхрана ни одговара. Се разбира, ниту за мајката ниту за бебето е добро да се јаде нездрава, калорична храна. Се оптоварува организмот, се ставаат 30 килограми плус и треба време за жената да се врати во форма. Тестенини, газирани пијалаци, пакувани овошни сокови – апсолутно е непотребно. Две-три години не консумирам леб. Само овесно брашно, правиме интересни палачинки што ги сакаат и децата. Ги учиме и нив на здрава исхрана уште од млади години. Многу е важно децата од мали да се поттикнат на спортување и тоа да им стане начин на живот.
Се занимаваат ли со спорт Вашите деца?
Мелина: Да, јас и сопругот спортуваме и за нив тоа е најнормално. Секој ден гледаат дека мама и тато се подготвуваат за тренинг. И тие кога направија 3-4 години ги запишавме на гимнастика. Најголемиот, Дино, оди на три спорта, сака и бокс и фудбал и ракомет и кошарка, како и секое дете на таа возраст.
Колку Македонците стануваат свесни за важноста на здравата исхрана? Колку внимаваат на својот изглед?
Мелина: Искрено многу се радувам на овие кампањи, реклами за исхраната. Многу ми се интересни како се снимени. Се радувам што сè повеќе луѓе водат грижа за себе. Ние кога почнавме со салонот, речиси никој не водеше грижа за исхраната. Книгите за исхрана што доаѓаа од Америка беа некои почетоци и пет проценти од клиентите ги имаа прочитано или слушнале за тие методи за слабеење.
Имаше период кога се сметаше дека само јавните личности се тие што треба да посетуваат салони и да внимаваат на сопствениот изглед.
Мелина: Да, но сега речиси секој млад човек се занимава со спорт, се грижи за својата исхрана. Имаме клиенти кои во текот на целата година нè посетуваат и сметаат дека тоа не е важно само пред одмор, свадба, битен настан во животот. Тоа е дел од нивното секојдневие. Се радувам што таа хигиена во живеењето стана начин на живот кај младите. Здравата исхрана, спортот, одредени третмани – тоа е тоа што им треба на луѓето. Без спортување не смее да се држи диета, без одредени третмани, не треба да се консумираат прашоци, напитоци, храна која не е проверена. Секој брз резултат може да биде критичен за здравјето. Се прави проблем со изгледот, тонусот на кожата, изгледаат многу постаро од реално што се.
Разговараше: Билјана Зафирова
Фото: Александар Ивановски
Видео: Илија Јовановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Руси масовно дрифтаат во снег, ни полицијата не им може ништо (Видео)