Сите го знаат неверојатниот фантазер, баронот Минхаузен. Неговата експанзивна слава ја надмина рамката на литературата и стрипот, па преку филмската уметност се вивна до холивудските висини.
Во секој случај, овој книжевен лик стана симбол за лажната или, ако сакате – невозможната стварност чиј наратив произлегува од еден виртуелен или, скоро, надреалистичен свет, во кој законите на физиката не важат. Или, подобро, тие ѝ се покоруваат на волјата на илузионистот, каков што беше баронот Минхаузен.
Но овој чудесен аристократ на иреалното и ирационалното, тој храбар бранител на Виена, опколена од Турците и ставена во мизерна позиција, не е никаков ординарен лажго, некој кој своите невистини стратегиски ги позиционира во една лукративна перспектива. Овој барон е, вусшност, имагинативец со фасцинантна фантазија, а магнитудата на неговите лаги ги зафаќа просторите на естетското, на филозофското и метафизичкото.
Минхаузен е еден вид уметник, раскажувач од голем калибар, на кој никој не му верува, а, сепак, сите со неверојатно внимание и посветеност ги слушаат неговите лаги. И секогаш сакаат уште, и уште, и уште повеќе.
Така бароновата бројна публика се зголемува со годините и станува планетарна, балгодарајќи им на неговите неверојани шарм и харизма. Но, тоа сè повеќе го обврзува да измислува нови и нови фантазмагорични приказни, што навистина го заморува стариот барон.
Тоа е проклетството на лагата. Кога еднаш ќе излажете, таа искажана псевдо-вистина треба да ја поткрепите со нови лаги и тоа оди до бескрај. За да опстоите во оваа игра на константно измислување на нови непостоечки ситуации и нови иреални аргументации потребна ви е неверојатна инвенција. Тоа бара посветеност и енергија, а за сето ова да ја одржи својата конзистенција, треба, навистина, да работите 7х24, што ужасно истоштува, а посебно тешко делува на оние личности кои се во поодминати години, каков што е баронот Минхаузен.
Но, неговиот голем медијски авторитет ни дава и една посебна можност.
Имено, како што има разни награди и рекорди, именувани по одредени значајни личности од историјата на човештвото, заслужни за развитокот на цивилизацијата, какви што, на пример, беа – изумителот на динамитот, Швеѓанецот Алфред Нобел, по кого е конституирана Нобеловата награда за мир, литература и наука или, како што се екстраординарните постигнувања во многуте области од човековите активности кои се бележат во Гинесовата книга на рекорди, која во својата финална димензија има компетитивен карактер, така би можела да се воспостави наградата „Барон Минхаузен“ која секоја година би му се доделувала на најголемиот лажго на светот. Оваа награда на лауреатот би му носела и поголема сума пари, неколку милиони евра, на пример, кои, секако, би биле фалсификувани за да се сочува духот на наградата, но и за да не биде стимулативна за сите оние лажговци кои, наместо да се вратат на патот на вистината, би фатиле да лажат со мултиплицирана сила и ентузијазам, вплеткувајќи се така во зоните на неморалноста која е во владение на нечестивиот. Но, на тој начин, исто така, би го загрозиле и своето место во Божјата држава.
За оваа перспектива многу тоа би можел да каже Свети Августин, но, во секој случај, сите ние го знаеме ужасниот предвкус на пеколот.
Како и да е, оваа награда најмногу би им се доделувала на политичарите, од проста причина што меѓу нив се регрутираат и најголемите лажговци на планетава.
Секако, има и политичари кои држат до својот збор и ветување, доблесни владетели со силен етички карактер, со конструктивни и креативни визии и со милозливи души. Сепак, оние што мамат и лажат се во големо мнозинство, константно загрозувајќи го поредокот и создавајќи збрка и неред.
За овие лажговци хаосот е вистинската инфраструктура за нивниот опортунизам. Токму за најголемите од нив би била наменета наградата „Барон Минхаузен“, за најбессловесен лажливец на годината во светот.
И токму тука ние имаме за трка коњ или, подобро, зајак.
Без соменение, овој наш шампион во лагата би бил многу сериозен претендент за оваа светска престижна награда.
А сите ние многу добро ги знаеме неговите неверојатни лаги кои се појавуваат на сцената со толку силно темпо, што ви се врти во умот.
Опсервирајќи ја неговата физиономија, веднаш гледаме еден редок ендемски вид на лажливец. Некои велат дека штом отвори уста, веќе лаже, толку е изверзиран во извртувањето на реалноста, но и бессловесен во своето морално преиспитување. За него амбициите се над било која вистина. Но тоа е дел од неговите претстави. Всушност, самиот тој е творецот на вистината како некаков месија, црпнат од депресивните полиња на струмичката котлина. „Од Бога лично“ – така вели тој.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.