Целосното затворање на трансакцијата за спојување на Вип оператор и ОНЕ во Македонија, како подружници на Групацијата Телеком Австрија и Телеком Словенија, се очекува во последниот квартал од оваа година.
Извршниот директор на ВИП, Никола Љушев, вели дека ги чека долг процес со бројни предизвици и дека очекува да се исполнат преземените обврски за овозможување услови за услуги на нови виртуелни мрежни оператори.
Како што посочува, веќе преговараат со одредени компании, а според преземените обврски треба да се овозможат услови три месеци по затворање на трансакцијата и да профункционираат девет месеци по завршување на овој процес.
Бенефит од спојувањето на двете компании во Македонија, според него, ќе имаат и граѓаните и економијата и државата.
За корисниците ќе бидат понудени поконкурентни производи и услуги, а за државата ќе има посилна компанија со поголем профит.
Спојувањето придонесува новата компанија да се доближи до сегашната водечка компанија на македонскиот пазар Ти-Хоум.
Спојувањето на двете компании беше одобрено вчера од Комисијата за заштита на конкуренцијата. На 22 октомври 2014 година, Телеком Австрија Групацијата објави дека е постигнат договор со Телеком Словеније Груп да се спојат нивните подружници Вип оператор и ОНЕ кои работат во Република Македонија. Телеком Австрија Групацијата ќе поседува 55 отсто и ќе има целосна контрола врз новосоздадената компанија, додека Телеком Словеније Груп ќе поседува 45 отсто од сопственоста. Покрај тоа, договорот вклучува и опции за излез на Телеком Словеније Груп од заедничката инвестиција во рок од три години од завршувањето на спојувањето.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.