Официјално почна со работа новоформираната компанија настаната со спојувањето на телекомуникациските оператори „Вип“ и „Оне“. „Оне.Вип“ вчера е регистрирана во Централниот регистар на Република Македонија. Стартува со 1,3 милиони корисници, односно сим картички, и 53 проценти пазарен удел.
Извршниот директор на „Оне.Вип“ Никола Љушев на денешната прес-конференција на која го соопшти почетокот на работата на новата компанија, рече дека новата компанија како наследник на „Вип“ и на „Оне“ ќе биде посветена на инвестирање во технологија и корисници. Смета дека појавувањето на новиот субјект ќе делува стимулативно на конкуренцијата.
– Ќе понудиме нови производи, услуги и нова содржина задржувајќи го фокусот на кон потребите на корисниците. Истовремено ќе бидеме тие што ќе ја стимулираат конкуренција, кои ќе инвестираат во инфраструктурата, иновации и технологија – рече Љушев.
Како што рече Љушев сега ќе следува период на целосна интеграција на сите оперативни и технички системи што се очекува да се комплетира до крајот на 2016 година. Компанијата ќе продолжи да функционира преку посебни мрежи, системи за наплата, тарифни портфолија и продажни места, што значи дека корисниците и понатаму ќе ги задржат своите постојни договори и ќе продолжат да ги добиваат услугите под истите улсови, квалитет и цени, како и досега.
Во „Оне.Вип“, како што рече, ќе бидат задржани сите 900 вработени. Посочува дека 60 отсто од тие работат директно со корисниците, а доколку компанијата се движи како што очекуваат нема да има намалување на вработените.
„Вип“ и „Оне’ во Македонија почнаа да работат како гринфилд инвестиции. „Оне“ во 2003 година, а „Вип“ во 2007 година. Договорот за спојувањето на подржниците на Телеком Австрија и на Телеком Словенија беше објавен на 22 октомври 2014 година. Според Договорот во новата компанија, австриската групација има 55 проценти, додека Телеком Словенија 45 проценти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.