На секоја нова светска ранг-листа бележиш напредок. Достижна ли е границата 300 до крајот на оваа сезона?
Ѓорческа: Сега ќе биде полесно бидејќи во првиот дел од сезоната бранев многу поени на турнирите од претходната година. Моментно сум на 354. позиција, а се надевам дека ќе ја пробијам границата и ќе бидам под 300. место на листата на ВТА. Нека биде и 299, само да почнува со двојка. Наскоро ќе патувам за Турција на челенџер турнир, а потоа ќе играм во Белгија или Германија на посилни турнири и очекувам да освојам нови поени.
Очекуваш ли наскоро настап на турнир на ВТА?
Ѓорческа: Има шанси, но ми треба малку подобро рангирање за да настапам во квалификации за ВТА- турнир. За почеток би било очекувано тоа да биде на турнир со награден фонд од 125 илјади долари, а веројатно ќе се случи на почетокот на следната сезона. Посакувам да биде на стартот од годината на некој од европските тениски настани бидејќи во тој дел од сезоната, пред Отвореното првенство на Австралија, подоброрангираните тенисерки ќе се преселат на турнирите во Австралија и во Нов Зеланд. Тешко е да се пробие мразот, потоа сѐ оди полесно.
На кој турнир посакуваш да биде дебито?
Ѓорческа: Нека биде на некој од турнирите на земјена подлога бидејќи тоа ми е специјалност. Секако дека ми е сеедно, само да се случи тој долгоочекуван настап на професионалните турнири. Посакувам да биде што поскоро. Тоа е голем чекор во кариерата. Станувате дел од елитата, а настапите против најдобрите тенисерки носи рутина, сигурност и секако дека ќе ми помогне да напредувам. Ако сѐ оди според планот, идната година би била идеална за настап на турнир на ВТА, а потоа нова цел ми е да играм во квалификации за еден од гранслем-турнирите. Реално такво нешто очекувам за две сезони.
Интересна е приказната како ја освои првата титула на турнирите на ИТФ. Што се случи во Арад пред три години?
Ѓорческа: Тоа ми е првиот турнир на ИТФ што го освоив, а воопшто не беше предвидено да играм. Како од клупа за резерви влетав на главниот турнир бидејќи едно од девојчињата се откажа. Не играв ниту квалификации, туку директно ме префрлија на главната сцена, а јас потоа го освоив турнирот. Тоа беше големо изненадување и за мене и за конкурентките. Прва титула ми е и секогаш ќе ја паметам.
Во тек е неофицијалното светско првенство во тенис. Се игра Вимблдон. Кои тенисери се најблиску до титулите?
Ѓорческа: Навивам за Надал, а во женска конкуренција ми се допаѓа стилот на игра на Ана Ивановиќ и на Серена Вилијамс. Играат агресивно, постојано сакаат да освојуваат поени, што е сосема различно од останатите тенисерки, кои најчесто чекаат грешка на противничките. И на Вимблдон сѐ почесто се игра како на турнирите со побавна подлога. Ја нема веќе сервис-волеј играта што беше една од главните карактеристики на овој гранслем.
Има ли таленти во твојата генерација. Кои тенисерки ќе го предводат новиот тениски бран?
Ѓорческа: На турнирите во Јужна Америка, во Бразил, играв на исти турнири со Ежени Бушар. Таа најмногу се истакнуваше, а го потврдува талентот и сега во сениорска конкуренција. Сите останати тенисерки беа со приближно ист квалитет, што покажува дека секоја тенисерка има шанса да биде дел од елитата со напорна работа и со многу вложување. Тенисот е индивидуален спорт и многу мали делчиња ја создаваат големата слика, го прават целиот мозаик. Треба малку и среќа, да се избегнат повредите, да се стигне што поскоро до настап на големите турнири, а потоа сѐ е многу полесно. Бушар успеа да се наметне и веќе игра на значајните тениски турнири, а и за останатите од оваа генерација сигурно ќе има шанси за напредок и за приклучок кон врвот.
Колку е напорен тенисот како спорт?
Ѓорческа: Многу. Цела година си на пат и постојано трпи приватниот живот, друштвото, излегувањето, учењето, но кога се сака нешто на крајот на денот сфаќаш дека не е тешко. И повторно почнува нов ден, ист круг, ист напор, само тенис, тенис и тенис. Верувам дека вреди да се откажеш од многу работи во обидот да станеш врвен спортист, особено добар тенисер. Целта ги оправдува средствата и откажувањата.
Од родители одбојкари и брат кошаркар се роди љубов кон тениската игра
Двајцата родители на Ѓорческа играле одбојка, а татко ѝ Владимир беше врвен одбојкар, репрезентативец на Југославија и прв капитен на македонската репрезентација. Врвен одбојкар кој настапувал за Работнички, Вардар, големата Барселона, Арис… Импресивна кариера со 48 настапи за Југославија и член на првата генерација репрезентативци на Македонија. Мајка ѝ Виолета беше членка на Љуботен кога клубот играше во втората југословенска лига, додека брат ѝ е кошаркар.
– Најзаслужен е брат ми. Почна да игра тенис, а јас само го следев. Брат ми е талент за многу спортови, што ме привлече и мене да спортувам. Вообичаено како деца на улица игравме и фудбал и кошарка, а некако од сето тоа се роди љубовта кон тенисот – вели Лина.
Посакува да достигне барем дел од славната кариера на татко ѝ Владимир Ѓорчески.
Пред неа е вториот дел од сезоната во која ќе има полесна задача да жнее поени, а упорноста и желбата за успех на младата тетовка ветуваат многу радост и за македонските симпатизери на тенисот.
Разговараше: Зоран Поповски
Фото: Ѓорѓи Личовски
(Текст објавен во 148. број на неделникот „Република“, 3.07.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.