Обидите за вербална (манипулативна) дискредитација на еврокомесарот Јоханес Хан и на премиерот Никола Груевски и обидот (по секоја цена) да се изнуди преодна влада како услов за решавање на „политичката криза во Македонија“ – е тешка сдсмовска и „експертско-интелектуална“ наивност!
Мора да им биде јасно дека нема, и не смее да има, абдикација на легалната и легитимна Влада на Република Македонија!
Мантрите на СДСМ
Мантра бр. 1
СДСМ предизвика политичка криза и сака „влада“, нелегална творба (како во 2001!) која ќе ја формира заедно со своето „демократски настроено друштво”, ама не на легални избори, туку на маса – во Брисел или во Клубот на пратениците…?! (На помош ја повика ЕУ…?!)
Терминот „транзициски период“ употребен за дефинирање на периодот до предвремените избори во април 2016 година (според договорот на 4+1+2 од 2 јуни 2015 година во Скопје, што, всушност, треба да биде временската рамка за активности, мерки, итни реформи во одредени домени како подготовка за најавените избори), преку манипулативна лингвална акробатика – богато практикувана активност во СДСМ и од нејзините „советодавци“ – си го трансформираа во „транзициска влада”! (Матна опозициска математика)!
СДСМ си поигрува со сите! Се обидоа и со европските дипломати. Откако Брисел им одржа лекција за несериозност, неодговорно однесување и ултимативни уцени, сега фингираат конструктивност?! Демек, преговараат (29.06.2015, …), ама единственото што ги интересира (во преговорите?!) е да дојдат на власт во Р. Македонија без избори; Владата сама да се откаже од сопствениот (од народот добиен) мандат и да им го препушти на нив, на „транзитните“?! По можност да „транзитираат” 1-2-3 години, па ако треба и еден цел изборен мандат – додека да ги „средат“ работите во државата! Но, тука има едно многу крупно прашање: зошто би им верувале граѓаните на нивни министри или на кој било што не дошол на власт со изборен благослов од народот(?!); да им веруваа, одамна ќе беа на Илинденска 2. Но, да не се залажуваме. Владата, како Влада, не е нивниот проблем! „Проблем“ им е премиерот Груевски! Локомотива на македонската преродба во последнава деценија; (кој како сака нека го толкува ова, ама нека направи споредба на Скопје и Македонија пред и по 2006 година!). Опседнати се со премиерот затоа што тој ја има целосната доверба кај народот заради посветеноста и грижата за државата – заради испорачаните резултати! „Симбол на победите на ВМРО-ДПМНЕ” (парафразирано искажување на амбасадорот Р. Никовски; ТВ 24 Вести, 1 јуни 2015). Од тие причини, сите вербални напади, опозициските тиради се насочени токму кон него, кон претседателот на Владата!
Мантра бр. 2
Сдсмовската врхушка и разни (квази)експерти во ликот на одредени професори, новинари, самодекларирани аналитичари(?!), заслепени од желбата, преку нелегално интронизирање на опозицијата да дојдат до екстрабенефицирани позиции во државата, и незадоволни од приодот на еврокомесарот Јоханес Хан, во разговорите меѓу лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА (во насока на „наоѓање решение на политичката криза во земјава“), преку писанија и јавни настапи во инаку „неслободниот“ медиумски простор во Република Македонија, се обидоа вербално да го дискредитираат (еврокомесарот Хан)! Затоа што почитувањето на демократските (европски) принципи од негова страна (Скопје, 2 јуни 2014) не се совпадна со нивните јалови, политички незрели очекувања: со декрет на ЕУ да биде предизвикана „абдикација” на легалната македонска влада; на најпримитивен, најнедемократски начин да биде погазена волјата на огромниот број македонски избирачи од последните парламентарни избори (2014). Преседан, што еден сериозен европски политичар не си го дозволува!
Изумија дека комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување, Јоханес Хан, не е случајна личност на европската сцена! Се обидоа да направат упад во неговиот професионален, политички, а во крајна линија и личен интегритет, преку обвинување (во почетокот) за некаква еднострана пристрасност во преговорите власт-опозиција! Но, затоа, не им сметаше очигледната, нетактичка, навивачка улога на европратеникот Р. Ховит (од првобитно определената посредничка, бриселска тројка) во нивна корист, како и пристрасните настапи на Е. Фуере во разни пригоди; (заради ваквите поддржувачи – опозицијата тапка в место; – не ѝ го покажуваат вистинскиот пат до власта – оној, што се користи и во нивните земји!)
Мантра бр. 3
Според опозициско-експертските гледишта, европските дипломати- политичари не ја разбираат реалната ситуација во државава, опседнати се со една мантра дека стабилноста е пред демократијата, а Заев е за пофалба: го ставил на место по малку арогантниот став на Хан во почетокот; (се работи за заканата на Заев дека поради „пристрасноста” на еврокомесарот, нема да присуствува на средбата во Брисел на 10 јуни – на која, сепак, присуствуваше)!
По оваа средба, по неуспешните преговори меѓу македонските политички лидери и посредниците во Брисел, еврокомесарот Хан не го сокри своето разочарување поради, како што напиша на својот профил на Твитер, “недостигот од одговорност и лидерство кај некои“. А, тие “некои” секако се препознаа себеси, ги препознаа и други… поради нереланиот и неискрен приод во преговорите!
Опозиционерите веруваа во наивност на европските дипломати (или…), дека туку-така ќе суспендираат еден легален државен орган (Влада) во Република Македонија! Затоа што (тие-опозиционерите) не се способни по пат на редовни (ниту вонредни!) избори да ја освојат довербата на својот народ; затоа што немаат издржани аргументи за тоа, и затоа што, засега(?) се далеку од она што значи државотворно однесување на одговорен политички субјект во државата.
Апропо однесувањето на комесарот Хан во текот на состаноците меѓу власта и опозицијата (Скопје, Брисел…), евродипломатот покажа дека и тој и ЕУ преферираат решавање на кризите (на прашањата важни за една држава и нејзиното функционирање) преку сериозен, реален, конструктивен политички дијалог во институциите на државата (Собранието е арена за политичка борба и докажување на политичарите), но покажа(а) и дека волјата на народот изразена на избори, според сите демократски правила, мора да се почитува! Верувам дека ваквиот став ќе биде испочитуван до крај!
На Република Македонија не ѝ требаа предвремени избори (2016)! Но, што е тука е! Политичките сили и рејтинг кај народот ќе си ги измерат по петти пат – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и Зоран Заев! А, народот, и овој пат ќе одлучи, која опција ќе ја одбере!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.