Во тринеделната кампања за локалните избори, кандидатите за градоначалници, повеќе или помалку, влегоа подготвени со вистински проекти за развој на општините и за подобрување на животниот стандард на граѓаните. Дел од нив понудија и многу нереални проекти, со кои се надеваа дека ќе „купат“ некој глас повеќе. Во жарот на борбата, за време на јавните презентации на проектите и во промотивните спотови на кандидатите видовме и многу комични моменти предизвикани од лапсуси, но и, навистина, оригинални идеи, кои, да бидеме реални, речиси се и неизводливи. Ги издвоивме овие четири ветувања, кои доколку нивните предлагачи, навистина, станат градоначалници, ќе биде многу интересно да видиме како ќе ги исполнат.
1.
„Битола мора да биде производител број 1 на храна во Република Македонија. Ние заборавивме да градиме фирми, погони, фабрики… Имам конкретни проекти. На пример, со живинарска фарма. Во план ми е во фази да стигнеме до два-три милиони кокошки во Битола. Во таа живинарска фарма не само што ќе имаме кокошки и ќе добиваме месо и млеко, ќе се отвори погон за производство на пердувите во јоргани и во вентијаги и така натаму. Друг погон кланица ќе се отвори. Трет погон каде што ќе се гори остатокот од кокошките и од цела околина и да се направи мини-електроцентрала. Отпадокот од кокошките се користи како арско ѓубре, може гас да се произведува. Значи од една живинарска фарма може да има уште пет шест погони и да вработиме многу луѓе. Значи треба да се размислува. Тоа е најважно за мене, затоа што месото во светот, па и кај нас тука е скапо“.
Независниот кандидат за градоначалник на Битола, Јорго Огненовски, својот уникатен предлог го откри за битолската локална телевизија „Орбис“. Оригинално, нема збор! Кој би рекол дека битолчани можат да остварат толкав благодат благодарение на кокошките. Огненовски во деталниот опис на проектот само пропушти да каже кој ќе ги молзе кокошките.
(од 1.19 до 2.28)
2.
Кандидатот на Социјалдемократската унија за градоначалник на општина Гази Баба, Гоце Делчев Тодев, најави проекти не само за жителите на општината туку и за покојниците. Во својот промотивен спот тој ветува дека гробиштата во Камник ќе ги уреди по теркот на тие од градовите во поранешна СФРЈ, кои ги посетил за време на братоубиствените војни во деведесеттите години на 20 век.
„Бог да ги прости сите покојни души. Сите што почиваат на гробиштата во Камник. Сите што почиваат во Скопје, Македонија и во целиот свет. 32 години од закопувањето на првите мртви тела на Камник до денес, многу, многу малку е сторено во делот на инфраструктура и во делот на уредување на овој простор. На гробиштата нема вода, електрична енергија и одвод, за патот и тротоари да не зборуваме. Ако станам градоначалник сето ова ќе биде минато, затоа што и мојата душа ќе почива тука, дај Боже да бидам во Р. Македонија и по мојата смрт моите потомци ќе мора некаде да ме закопаат – тоа ќе биде овде. Сум имал можност по целата СФРЈ да бидам присутен на гробишта низ повеќе градови бидејќи воените дејства од 1991 година однесоа огромен број човечки жртви, кои беа и огромен дел мои блиски пријатели, другари, цимери, соистомисленици, но војната им ги зеде животите. Сум присутен на најразноразни погреби во многу градови низ поранешна Југославија, имав можност и надвор од Балканот да видам гробишта уредени во метрополи, кои претставуваат место достојно за респект, место за спокоен начин на почивање на сите покојни души“.
3.
Независниот кандидат за градоначалник од Граѓанска опција за Кавадарци Зоранчо Бојковски им ветува на кавадарчани ваучер од 2.000 евра ако стане градоначалник. Парите ќе ги добиеле на тој начин што целиот имот на општината ќе го продаде на домаќинска компанија, а половина од заработката ќе си ја поделат сите живи жители на општината. Бојковски не кажа што планира да им даде на тие што допрва ќе се родат. Се чини идните генерации ќе треба да си го бараат делот од своите родители. За едни смешно, за други трагично, за трети, можеби, сериозно. Еве како изгледа предлогот на Бојковски:
„Проектот ’Ваучер‘ гарантира сума од 125.000 денари за секој граѓанин на општина Кавадарци, без разлика на возраста и на каква било определба. За да се исполни проектот, потребно е да се извршат три чекори. Прво, формирање компанија ’Кавадарци‘ а.д.. Оваа компанија ќе биде сопственик на целиот имот на граѓаните на општина Кавадарци, кој е изграден со самопридонес или по која било друга основа, а денес го управуваат органите на локалната самоуправа. Второ, оваа компанија, формирана како акционерско друштво со капитал поделен на 40.000 акции, односно, толку колку што има граѓани Кавадарци, толку колку што ние планираме да поделиме ваучери. Оваа компанија ќе има и една златна акција со која ќе управувам лично јас како иден градоначалник и сите идни градоначалници. Таа златна акција никој ќе нема право да ја продаде и ќе биде гаранција за граѓаните на Кавадарци. Целата годишна добивка на оваа компанија ќе се дели на два дела. 50 проценти за реинвестирање и 50 проценти за делење дивиденда на акционерите – граѓаните на Кавадарци. Трето, откако ќе се реализираат овие два чекора, на граѓаните на општина Кавадарци ќе им биде понудено опција своите акции да ѝ ги препуштат на национална компанија, која ќе биде заинтересирана и ќе даде чесна понуда за преземање“.
4.
„Заедно со Јани Макрадули, нашиот иден градоначалник на Скопје, со кој се гордеам дека сум соборец, ќе го направиме мостот од Карпош кон Ѓорче Петров и ќе ги поврземе овие две општини. Ова е време за луѓе што знаат да се одважат, за храбри луѓе, за да ги менуваме работите во нашата држава, порача кандидатот за градоначалник од СДСМ за општина Карпош на промоција на кандидатите за градоначалници за скопските општини од „Сојузот за иднината“ во Универзална сала во Скопје“.
Андреј Петров и неговиот „соборец“ Јани Макрадули премногу „храбро“ ветија дека ќе градат мост од Карпош до Ѓорче Петров. Мостот, според нивната математиката, ќе биде толку голем што ќе може да се кандидира за Гинис, а луѓето што ќе минуваат по него, буквално, ќе можат да ја прелетаат скопската населба Влае и директно од Карпош да стасаат во Ѓорче Петров. Другата опција, која е поверојатна, е дека Петров и Макрадули не знаат дека од другата страна на брегот на Вардар во Карпош 4 е населбата Влае, која, исто така, е дел од општина Карпош.
(од 4.32 до 4.41)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


