Изложбата „13 начини на гледање на градот“, која нуди преглед на различни начини на гледање на градот Скопје, ќе биде отворена вечерва, 24 јуни, во 20.30 часот во Агенција за сериозни интереси (SIA).
Делата што ќе бидат изложени, организаторите велат дека ја изразуваат почитта и посветеноста на архитектот кон неговиот град, „нешто што би можело лесно да се доведе во прашање со оглед на драматичните трансформации на голем број згради, улици и јавни простори, кои градот ги претрпе во текот на изминатите пет години“.
„Избраните дела се обид да се преиспитаат постојните квалитети на градот, од кои некои премногу брзо се менуваат, се преобразуваат, па дури и исчезнуваат во текот на изминатиот период на интензивна урбана активност. Делата кои се собрани во оваа изложба се одраз на можноста за задржување на колективната меморија на граѓаните, дури и кога (а можеби и токму поради тоа) загубите веќе се значајни.
Делата на архитекти, уметници и други автори што се вклучени во оваа изложба, на различни начини, го одразуваат активизмот на граѓаните како одговор на сомнителни социо-културни политики и чудни урбани феномени – граѓани кои ги вреднуваат и ги ценат објектите и просторите на нивниот град, зградите и местата кои ја формираат позадината на нивниот секојдневен живот“, порачуваат од SIA.
Изложбата го покажува градот Скопје гледан од дистанца, преку воздушни фотографии од далечното минато, со слики од семејната архива Еремееви. Исто така се вклучени цртежи и модели на неколку важни локални згради од периодот на модерната, подготвени од страна на архитект Мартин Гулески.
Учесници се: Виолета Бакалчев (архитект) / Минас Бакалчев (архитект); Домника Бошкова (архитект); Слободан Велевски (архитект) / Марија Мано Велевска (архитект) / Огнен Марина (архитект); Мартин Гулески (архитект); Владо Данаилов (архитект) / Моника Новковиќ (архитект) / Гордан Витевски (архитект); Викторија Еремеева (архитект) / Максим Наумовски (архитект) [Михаил Фјодорович Еремеев (геометар) и Борис Михајлович Еремеев (архитект)]; Јован Ивановски (архитект), Владимир Десков (архитект), Паолина Милушева (архитект), Биљана Темелковска (архитект), Иван Николовски (архитект), Сања Лилиткин (архитект), Нина Карангелеска Тодоровска (архитект), Мартин Ефремовски (архитект), Сања Тасева (архитект), Бисера Крцковска (архитект), Александар Балдазарски (архитект); Ѓорѓе Јовановиќ (уметник); Филип Јовановски (уметник); Влатко П. Коробар (архитект); Дамјан Момировски (архитект), Зоран Петровски (куратор); Митко Хаџи-Пуља (архитект).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.