Стечаен управник, управители на фирми, вештаци и сметководители се осомничени дека со незаконски дејства и со фалсификување документи на девет фирми од Источна Македонија, го оштетиле буџетот на државата за сума од околу 12,8 милиони денари или околу 208.000 евра, соопшти МВР, објави агенцијата МЕТА.
Според МВР, првоосомничен во случајот е 65-годишниот кочанец Б.М., стечаен управник во фирмите, кој „искористувајки ја својата службена положба, спротивно на Законот за стечај, во периодот од јули 2013 година до септември 2014 година, им овозможил на фирмите за кои е отворена претходна постапка, да ги избегнат обврските кон државата и кон доверителите, односно да не се отвора и води стечајна постапка туку постапките да бидат завршени по принципот отвори – заклучи“.
Тој, според полицијата, од управителите и од сметководителите на фирмите побарал да подготват фалсификувани годишни сметки, во кои ќе се избришат ставките што прикажуваат имот на фирмата, односно им давал насоки како тоа да го направат за да може ефикасно и во нивна корист да се реализира постапката за ликвидација на правните субјекти.
„Притоа, со противзаконските дејства, пријавените, избегнувајќи го плаќањето на обврските спрема буџетот на Република Македонија, по различни основи, како и плаќањето спрема другите доверители во наведените девет правни субјекти, сокриле имот во вкупна вредност од 36.655.657 денари на кои не пресметале, не пријавиле и не платиле јавни давачки во вкупен износ од 8.720.654 денари. Со вака сокриениот имот, а врз основа на реализирани стечајни постапки и ликвидации на наведените правни субјекти, избегнато е плаќање на претходно утврдени обврски по разни основи (даноци, глоби, МПИН) спрема државата во износ од 4.083.626 денари или, севкупно, нанесена е штета на буџетот на РМ во вкупен износ од 12.804.280 денари“, стои во соопштението на МВР.
Вештите лица во случајот, пак, според полицијата, се осомничени дека наместо да ја утврдат вистинската состојба во фирмите, тие подготвиле вештачење „само врз основа на фалсификуваната книговодствена документација добиена од првопријавениот, во која констатирале дека друштвата немаат имот со кој би се покриле трошоците на постапката за стечај“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.