„Големата револуција“ на опозицијата со прислушуваните материјали и со кампувањето пред Владата на Република Македонија доаѓа до својата последна фаза. Нејзиниот неславен и сосема неуспешен крај е на повидок. Но, како што велат мудрите: „Тоа што почнува со злоба, завршува со срамота“.
Ќе останат сите тие аморални дејства и целосната неспособност на оваа генерација опозиционери и револуционери, заринкани како кит на некоја пацифичка плажа, пцовисан извор на несносна реа.
Пропадна стаорскиот обид на една криминогена лидерска структура, што со кодошки средства сакаше да ја дограби власта. Нејзините жртви се цела една генерација наивни и политички неписмени луѓе, што се занесоа со историскиот романтизам, а, всушност, одиграа улога на лабораториски глувци во рутинираните геополитички експерименти на странските тајни служби, со задача – по секоја цена да се спроведуваат неоколонијалните интереси на големите сили.
Кога за некоја година сите овие политички идиоти ќе се освестат за своите позиции и дејства во контекстот на оваа, т.н. „кодошка револуција“, веројатно нивниот реактивен гнев во тоа претпоставено време ќе се наврти кон сите тие платеници, мегафони и пропагандисти, кои своите манипулации и подметнувања добро ги наплатија од разузнавачките мрежи на нарачателите, чијашто цел беше дестабилизација на Република Македонија и поставување лесно контролибилна марионетска влада, составена од веќе проверени предавнички кадри, кои вешто се преправаат како своевидни стручњаци, општествени активисти и револуционери на новото време.
Сега гледаме веќе една, по сè, бедна епизода од нивната банална и ступидна серија, сочинета од воајеризам, протести и узурпации на јавниот простор, кој требаа да го втурнат македонското граѓанство во крвав бунт, но, место тоа, народот им покажа многу повисоко ниво на политичка свест од нивните наивни и глупави очекувања.
Време е да си ја подвиткаат опашката и да се повлечат во нивните мрачни дувла, од каде што веќе никогаш не треба да излезат на јавната сцена со вакви кретенски стратегии и очекувања.
Едноставно, историјата ги исплука и ги отфрли во ендекот на потрошеноста, на гниежот и на непотребноста.
Нивната кодошка „револуција на скарата и на пивото“ и несносната смрдеа што се шири од нивниот камп е пример за целосно губитништво, недостиг од интелигенција и секаков вид пристојност. Тие станаа парадигма за гротескноста и карикатуралноста, заедно со својот криминален и недоветен лидер и сите негови дегенерирани, надуени и игнорантски советници.
Сепак, овие плашила за птици, кои веќе никого не застрашуваат, за разлика од нивните следбеници и нивната мизерна судбина, ќе си ги наполнат дисаѓите по којзнае кој пат и понатаму ќе продолжат да ја задушуваат и малтретираат македонската јавност со својот патолошки активизам, кој, според своите квалификации, повеќе одговора да биде спроведуван во некоја душевна болница или, пак, трансформиран во сценарио за некаков стрип со гротескни конотации, сличен на „Алан Форд“, кој беше врвен производ на големите уметници Магнус и Бункер, незаборавните претставници на италијанската антологија на уметноста на наративната графика.
Но, за разлика од содржините на „Алан Форд“, кој беше ремек-дело во уметноста на европскиот стрип, овие корифеи на револуцијата на кодошењето, скарата, пивото и на смрдеата, се целосно неподносливи и здодевни до болка. Пред нивната ужасна грдотија, која блика од сите страни и го труе добриот вкус, бегаат и стаорците и творовите и мршојадците и хиените. Овој обид за револуција со непоимливи длабини на злоба и глупост ќе треба да се прибележи во аналите на македонската историја на идиотизмот, да се документира и да се постави во еден голем музеј на апсурдноста како еден од најпримитивните и најгубитничките примери на општествениот активизам, каде што оваа форма на јавно дејствување е доведена до најекстремните зони на човековото морално, духовно и интелектуално пропаѓање.
Како инаку да ја толкуваме таа неверојатна политичка и историска игнорантност, таа неедуцираност, која се граничи со една ноторна неписменост?
Кога во кампот на „револуцијата на скарата, пивото и смрдеата“ ќе ја видите таа целосно аналфабетска иконографија, која виси по шаторите, а каде што, на пример, ликот на Че Гевара е поставен веднаш до американското знаме, симбол на империјализмот, против кој вистинскиот револуционер и херој, Че Гевара, се бореше, е исто, како до нацистичкото знаме да го поставите ликот на маршалот Жуков, кој своите најголеми воени подвизи ги направи токму во војната против Хитлеровата Германија и против Вермахтот.
Но плиткоумноста на „револуционерите на скарата, пивото и на несносната смрдеа“, од која ви доаѓа нагон за повраќање, не знае ништо за историјата. Затоа тие ќе ја играат улогата на експериментални стаорци до крај.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.