Поминаа девет месеци откако американскиот претседател Барак Обама почна со политиката за справување со Исламската држава (ИСИС), радикалната група што се појави како наследник на Ал Каеда во Ирак. Во тоа време, и покрај дневните воздушни напади, зголеменото темпо на обука на ирачките војници и несигурната коалиција од 60 земји што се обидуваат да се борат против ИСИС, групата има постигнато стабилни придобивки и во Ирак и во Сирија – не само што сѐ уште го контролира градот Мосул туку и на 17 мај го освои градот Рамади, околу 70 милји од Багдад. Во Сирија групата го зазеде стратегискиот град Палмира, го прошири својот дофат во Либија, го спроведе првиот терористички напад во Саудиска Арабија, ја крена во воздух шиитската џамија во источниот град Катиф. Се чини дека групата што Обама еднаш ја исмеваше е во подем. Ако се постави прашањето дали ИСИС победува, одговорот на прашањето, барем засега, би бил: да.
Администрацијата на Обама и Пентагон советуваа трпение. Губењето на Рамади беше „неуспех“, соопшти Белата куќа, но според портпаролот Џош Ернест тоа не треба премногу да нѐ вознемирува. Вашингтон вели дека ќе го зголеми темпото на обука на ирачките војници, а критичарите забележуваат дека тоа се случува со години, како последица на американската инвазија во 2003 година.
Меѓутоа, разговорите со воени и со политички претставници и аналитичари во Ирак, и ирачки и странски, прикажуваат помрачна слика. Ужасниот факт со кој се соочуваат администрацијата и нејзините меѓународни партнери е дека нивната политика против групата е неуспешна.
– Тие навистина немаат добри опции за тоа како да се справат со ИСИС – вели Саџад Џијад, ирачки аналитичар и висок истражувач во Центарот за студии и планирање „Ал Бајан“ во Багдад.
Колку станува очајна реалноста на терен во Ирак стана јасно на 18 мај, еден ден по падот на Рамади. Градот Рамади, кој се наоѓа во провинцијата Анбар, е срцето на сунитскиот ислам во Ирак. Тоа беше местото каде што племенски лидери ефективно работеа со американските сили во 2007 и во 2008 година, за време на т.н. будење на Анбар, за разбивање на претходникот на ИСИС, Ал Каеда. Многу од луѓето што се бореле тогаш сега се чувствуваат политички обесправени под секташкото раководство на поранешниот премиер Нури ал Малики, шиитски лидер. Некои од сунитските племиња во Анбар сега ја поддржуваат ИСИС, а другите се длабоко поделени за тоа дали да ја поддржуваат актуелната власт во Багдад, предводена од Хајдер ал Абади, кој исто така е шиит и кој не се смета за непријател на сунитите во земјата како што беше неговиот претходник. На 18 мај провинцискиот совет на Анбар гласаше да се прифати помош од шиитската војска вооружена и водена од страна на Техеран. На крајот на мај, војската и владините сили почнаа со операции за враќање на Рамади.
– Во оваа фаза ние ја поздравуваме секоја сила што ќе дојде и ќе нѐ ослободи од канџите на Исламската држава – вели шеикот Абу ал Маџид Зојан, племенски лидер.
Како стигнавме до тука?
Ако ИСИС победува, тоа е поради серија грешки направени од страна на нејзините противници.
– Ја опишувам ИСИС како вода која навлегува во пукнатините на политиката и во стратегијата на меѓународната заедница – вели Лина Катиб, директорка на Карнеги центарот за Блискиот Исток.
– Еден од потценетите аспекти на привлечноста на ИСИС е нејзиното богатство. Без разлика дали преку продажба на нафта или изнудување, ИСИС не само што е во можност да им плати повеќе на борците од една умерена опозициска група како Слободната сириска армија, туку и им дава социјална помош, како што направи Хамас одамна обезбедувајќи го населението изморено од војна со парични добивки и социјални услуги – вели Катиб.
На пример, во Рака, т.н. главен град на Исламската држава, ИСИС обезбедува медицински услуги. Одговорот на меѓународната заедница е несоодветен. Се фокусира на задоцнета обука и вооружување на умерената опозиција, што многу малку влијаеше врз ослабувањето на економската сила на ИСИС, додава таа.
САД како да не преземаат ништо, дури и групите на кои се обидуваат да им помогнат го мислат тоа. Катиб вели дека службениците на Слободната сириска армија со кои неодамна се сретнала побарале помош од Стејт департментот на САД во врска со пресудите на судовите во областите што се под нивна контрола во јужниот дел на земјата.
– Тие никогаш не добија одговор – вели таа.
Слободната сириска армија во јужниот дел има потенцијал да се трансформира во управно тело. Го има кредибилитетот на терен. Секако, потребна е поголема помош од опремување и обука.
Покрај тоа, воените аналитичари сметаат дека ограничената кампања на воздушни напади против позициите на ИСИС во Сирија е „неосмислена“, како што ја нарече еден поранешен разузнавач во регионот.
– Секогаш кога се убиваат цивили, следува пропагандата на ИСИС дека тоа е крстоносна војна против муслиманските земји, а со тоа се зголемува нивната популарност. Тековната кампања е премногу ограничена за да има големо влијание. Едноставно не дава резултати – вели поранешниот разузнавач.
Не дава резултати ни во Ирак, велат аналитичарите. Абади може да биде помалку секташки настроен од Малики, но недостигот од доверба меѓу сунитите во Анбар и во Багдад е голем.
– Тоа е огромна задача за Абади да го поправи тоа, и тоа ќе трае долго време – вели Катиб.
Одлуката за испраќање на шиитската војска да се бори во Анбар, исто така, беше пресвртница и остава дамка на стратегијата на САД во земјата.
Според Џијад, ирачки аналитичар, САД имале договор со Абади дека ќе се погрижат за Анбар и за некое време го смириле регионот. САД ја барале таа спогодба бидејќи не сакале премиерот да мора да се потпира на шиитската војска, која има врски со Иран, да се бори против ИСИС во претежно сунитски регион.
Вашингтон не го сака тоа поради две очигледни причини. Прво, секташките тензии се доволно големи во земјата, па вметнувањето на војската го зголемува ризикот од интензивирање на секташката граѓанска војна. Второ, Вашингтон сакаше да го побие широкораспространетото верување во регионот меѓу традиционалните сунитско-арапски сојузници – Јордан, Саудиска Арабија и други држави – дека во извршување на нуклеарниот договор со Техеран, Вашингтон ефикасно ги фрлил своите пријатели настрана. Значи, најверојатно, САД двојно ќе ги зголемат своите напори да се тренираат ирачките војници во Анбар и да ја нападнат ИСИС со воздушни напади.
Тој план сега е во зародиш.
– Падот на Рамади е катастрофа. САД не успеаја да ја погодат ИСИС со воздушните напади. Американската инволвираност беше слаба – вели Џијад.
Извор: „Њус вик“
Превод: Ана Цветаноска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.