| четврток, 6 декември 2018 |

Витаминска бомба полна здравjе и со заработка

Брусницата е грмушка со црвени плодови. Потекнува од Северна Америка, каде што домородците од дамнина ја користеле како храна, лек и во религиозни обреди. Поради нејзините својства, заслужено се вбројува меѓу најлековитите билки на светот

За одгледување, брусницата сака хумусно и кисело тло, па кај садниците е потребно да се додаде кисел адитив. Билките се садат на растојание од 30 сантиметри, во редови. Дупката треба да биде длабока 20-25 центиметри. Меѓу редовите треба да се постават иглички бор, кисел адитив или деланки од дрво. Во текот на растењето, брусницата пушта фиданки и на тој начин сама се шири и размножува. Брусницата цвета двапати, во мај и во јуни, а созрева во јули и во септември – кога е главна сезона на берба. Садници може да се набават во земјоделска аптека, преку интернет или од расадник.

Брусницата е многу издржливо растение и може да опстане на многу ниска температура. Но, доколку ниските температури се јават во време на цветање или плодоносење, приносот се намалува до 50 отсто. Доколку температурата падне под минус 2 Целзиусови степени, зрелите плодови мора да се покријат, а зелените издржуваат до минус 3. Во текот на зимата, ако нема снег, растенијата можат да настрадаат на температура под минус 17 Целзиусови степени.

brusnica145-2

Брусницата бара висока почвена влага. Годишна количина на врнежи од околу 800 мм е минимален услов за раст на растенијата. Ако нема доволно врнежи, особено во текот на летните месеци, потребно е обезбедување вода за наводнување. Иако бара доволно влага, брусницата не трпи ни премногу влажна почва бидејќи во такви случаи кореновиот систем страда од почвени заболувања. За поуспешен развој на растенијата насадот од брусница мора да биде доброосветлен.

Сто грама свежа брусница содржи само 15 калории, додека енергетската вредност на 100 грама сува брусница изнесува 60 калории. Богата е со влакна, антоцијаним, проантоцијаним, бета-каротен, витамин Ц, калиум, калциум, магнезиум и други микронутритиенти. Концентратот од брусница се вика брусницин и најчесто се користи во лечење инфекции на мочниот меур предизвикани од ешерихија коли. Покрај тоа, се користи и како лек при бактериски и габични инфекции, чир на желудник, болести на забите, слаб имунитет, дијабетес, очни болести, превенција од кардиоваскуларни болести, превенција од карцином на дојка, желудник, дебело црево. Чајот од листовите на брусницата помага при болести на уринарниот тракт, а од плодот при ревматизам, гихт и камења во бубрези. Благодарение на хипуричната киселина, има силно антибактериско дејство, па поради тоа е корисна за лечење и за превенција од инфекции. Воедно, ги зајакнува имунитетот и отпорноста на организмот.

brusnica145-3

Во истражувања се покажало дека средството за плакнење на устата со брусница значајно ја намалило појавата на кариес. Брусницата содржи антиоксиданс фенол, кој спречува срцеви болести, неколку видови карциноми и предвремено стареење. Изобилува со танини кои се важни за здравјето на срцето. Содржи и големи количини флавоноиди и полифеноли, кои служат како природна одбрана од атеросклероза зашто го инхибираат лошиот холестерол и ја подобруваат циркулацијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top