| четврток, 6 декември 2018 |

Завршува официјалната програма на МТФ „Војдан Чернодрински“

Официјалната програма на годинашниот јубилеен, 50. меѓународен театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп се ближи кон својот крај.

Во терминот за промоција на театарска литература напладне ќе бидат промовирани „Режисерската поетика на Бранко Ставрев“ од театрологот Иван Ивановски и драмите – првите 13 од Јордан Плевнеш.

Вечерва, 18 јуни, на програмата се последните две од 13 претстави во официјалната конкуренција за наградите, а на полноќ ќе биде прикажана и последната претстава во придружната програма.

Од 19 часот на сцената од Домот на културата „Марко Цепенков“ битолскиот театар ќе ја изведе претставата „Иванов“ од Чехов во режија на Александр Баргман.

Од 22 часот во прилепскиот театар публиката ќе ја гледа „Мајка храброст“ од Бертолд Брехт во режија на Ѕвездана Ангеловска, а во изведба на ансамблот на кумановскиот театар.

Велешкиот театар на полноќ ќе ја изведе претставата „Спанаќ со пржени компири“ во режија на Ненад Витанов.

Фестивалот „Војдан Чернодрински“ ќе заврши утре (19 јуни). Во 11 часот во прилепскиот театар ќе биде промовирана монографијата за јубилејот „Проект Чернодрински“ од театрологот Јелена Лужија, а веднаш потоа, напладне, ќе бидат соопштени најдобрите остварувања на годинашниов фестивал.

Утревечер во чест на наградените, Драмскиот театар ќе ја изведе претставата „Солунски патрдии“ со што ќе биде спуштена завесата на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top