| четврток, 6 декември 2018 |

Приштина предупредува: ИД планира нови терористички напади во Македонија

Косовската полиција има информации дека личности блиски до албанскиот лидер на ИД, Лавдри Мухаџери, наредиле во Приштина и Скопје да се извршат терористички напади, а во местата каде постои најголем ризик подигнати се безбедносните мерки, пренесуваат приштинските медиуми, пренесува Пресс 24.

Медиумите потсетуваат дека овие закани доаѓаат само неколку дена откако џихадистите од Балканот, вклучувајќи ги и Албанците кои војуваат во Сирија најавија преку видео снимка напади кои ќе ги опфатат Косово, Македонија, Албанија, Србија и Црна Гора.

Порталот „Лајми.нет“ објави комуникација помеѓу одговорните безбедносни лица на Косово во која и се наложува на косовската полиција да ги превземе сите неопходни мерки како би се одговорило на тие закани.

Како што објавува приштинскиот портал, од комуникацијата е видливо дека една личност од албанска националност од Македонија, која моментално се наоѓа во конфликтната зона во Сирија и Ирак, блиска со Лавдрим Мухаџери контактира доверливи поединци за напади во текот на јуни на Косово и Македонија.

Таа личност, блиска до ИД, како што се наведува, инсистира во текот на терористичките напади во Приштина и Скопје да има што поголем број човечки жртви без оглед на религијата и што поголема материјална штета.

Иако Скопје и Приштина се спомнуваат како два големи центри во регионот, личностите блиски до ИД истакнале дека нападите не треба да се ограничуваат само на тие два града. Полицијата е, како што се наведува, запознаена со предвидените цели на нападите на џихадистите, а се работи за значајни локации за функционирањето на животот на граѓаните.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top