| четврток, 6 декември 2018 |

Дачиќ: Стабилноста на Македонија е значајна за целиот регион

Многу е важно да се задржи стабилноста во Македонија, тоа е значајно за целиот регион, оцени српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, во изјава за медиумите во рамките на министерскиот состанок на министрите за надворешни работи на земјите­членки на Централноевропската иницијатива (ЦЕИ) што денеска се одржа во Охрид.

dacic obse

Како актуелен претседавач на ОБСЕ, тој посочи дека по случувањата во Куманово двапати во Македонија го испратил претставникот за Западен Балкан кој разговарал со државниот врв и претставници на опозицијата. ­

– Ние ги поддржуваме сите настојувања на ЕУ состојбата да се сведе во политички рамки. Осудуваме секаков облик на загрозување на Македонија, секаков облик на насилство и тероризам, а, од друга страна, ОБСЕ како организација е подготвена, исто така, да ги даде своите добри услуги, ако постои потреба за тоа – изјави Дачиќ.

ОБСЕ, посочи, има мисии на терен и претставници на сите држави-членки во Секреатијатот во Виена.

– Се трудиме и инсистираме извештаите кои доаѓаат да бидат објективни, а, од друга страна, ние како организација, која функционира на принципот на консензус, лично им кажав на сите македонски официјални лица, дека сме подготвени да делуваме во разрешувањето на внатрешната ситуација – изјави Дачиќ.

Во врска со емигрантите што транзитираат преку Македонија и Србија за да стигнат до западно­европските земји, Дачиќ смета дека ЕУ треба да разгледа механизми како нивните граници се така чуствителни и како поминуваат толкав број емигранти.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top