Јубилејното, педесетто издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ свечено ќе биде отворено на 12 јуни од 21 часот на голема театарска сцена на плоштадот „Методија Андонов Ченто“ во Прилеп.
– Плоштадот во Прилеп в петок вечер ќе биде голема театарска сцена. Свои перформанси ќе имаат речиси сите актери од македонските театри, ќе пеат и ќе изведат делови од текстови на патронот – Војдан Чернодрински. Режисер на овој заеднички перформанс, кој ќе трае околу два часа, е Дејан Пројковски. Претседателот на државата Ѓорге Иванов ќе му врачи посебно признание на Фестивалот – соопшти Петар Темелковски, уметнички директор на фестивалот.
Градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, истакна дека отворањето и самиот фестивал, кој ќе трае до 19 јуни, ќе бидат посебен спектакл.
– Фестивалот, кој многу значи за градот и за прилепчани, заслужува таков спектакл. Ќе имаме достоинствено отворање, а јас изразувам благодарност до сите за поддршката – рече Ристески. Во конкуренција за награди годинава се 13 претстави на македонските професионални театри. Ќе се одигруваат по две во еден фестивалски ден и уште една претстава во придружниот дел – рече Ристески.
Годинашни добитници на наградата за животно дело се актерите Мето Јовановски и Благоја Чоревски и театрологот Јелена Лужина. Поради спецификата на претставата на МНТ „Електра“, фестивалската публика утревечер ќе патува во Скопје да ја гледа на нејзината матична сцена. И на 16 јуни публиката ќе патува – тогаш во новиот театар во Велес, за да ја проследи претставата „Приказни од шестиот кат“.
– Ова е поттик и свртување на вниманието дека градот на театарот Прилеп треба да добие нова театарска зграда – рече Темелковски.
Тој оцени дека годинашниот фестивал ја одразува нагорната линија на развојот на македонскиот театар.
– Имаме неверојатно плодна театарска година од сите аспекти: репертоарски, жанровски, генерациски. Се појавуваат многу нови актерски и режисерски имиња. Ансамблите се доекипираат со актери и режисери – истакна Темелковски.
По повод јубилејот, годинава ќе биде промовирана и монографија за петдеценискиот растеж на МТФ „Војдан Чернодрински“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.