Со финансиска поддршка од Министерството за култура, во тек се активностите за обнова на фасадата на уште еден објект од старата градска архитектура во Охрид, соопштија од Министерството.
– Станува збор за објект на улицата „Св. Климент Охридски“ бр. 4 во Охрид во кој е сместено Радио Охрид. Проектот за обнова на фасадата на овој значаен објект од охридската староградска архитектура го изработија стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Охрид, а неговата реализација треба да започне до крајот на јуни 2015 година. Станува збор за објект кој се состои од приземје, кат и мансарда, со дрвена меѓукатна и покривна конструкција. Во согласност со проектот, на оваа масивна градба, изградена во класичен стил во почетокот на 20 век, ќе бидат реализирани конзерваторско-реставраторски зафати на фасадата, а ќе се изврши и промена на надворешната столарија – се вели во соопштението на министерството за култура.
Во рамките на проектот на Владата на Република Македонија и на Министерството за култура за обнова и конзервација на повеќе фасади од старата градска архитектура во значајните градски јадра во Република Македонија, во Охрид е обновена фасадата на куќата на семејството Бојаџиеви во стариот дел на градот, извршена е конзервација на фасадите на три индивидуални станбени објекти на ул. „7 Ноември“, обновени се фасадите на куќата на Патчеви и на куќата на Ајри Доко, а обновени се фасадите и променета е столаријата на: куќата на Робевци, куќата на Ѓурчинови и куќата на Христо Узунов.
Годинава Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Охрид, во рамките на проектот, освен фасадата на објектот во кој е сместено Радио Охрид, ќе ги обнови и фасадите на куќите на семејствата Ѓурчинови и Димзови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.