| четврток, 6 декември 2018 |

Се обновува фасадата на објектот каде што е сместено „Радио Охрид“

Со финансиска поддршка од Министерството за култура, во тек се активностите за обнова на фасадата на уште еден објект од старата градска архитектура во Охрид, соопштија од Министерството.

ohridsko radio

– Станува збор за објект на улицата „Св. Климент Охридски“ бр. 4 во Охрид во кој е сместено Радио Охрид. Проектот за обнова на фасадата на овој значаен објект од охридската староградска архитектура го изработија стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Охрид, а неговата реализација треба да започне до крајот на јуни 2015 година. Станува збор за објект кој се состои од приземје, кат и мансарда, со дрвена меѓукатна и покривна конструкција. Во согласност со проектот, на оваа масивна градба, изградена во класичен стил во почетокот на 20 век, ќе бидат реализирани конзерваторско-реставраторски зафати на фасадата, а ќе се изврши и промена на надворешната столарија – се вели во соопштението на министерството за култура.

Во рамките на проектот на Владата на Република Македонија и на Министерството за култура за обнова и конзервација на повеќе фасади од старата градска архитектура во значајните градски јадра во Република Македонија, во Охрид е обновена фасадата на куќата на семејството Бојаџиеви во стариот дел на градот, извршена е конзервација на фасадите на три индивидуални станбени објекти на ул. „7 Ноември“, обновени се фасадите на куќата на Патчеви и на куќата на Ајри Доко, а обновени се фасадите и променета е столаријата на: куќата на Робевци, куќата на Ѓурчинови и куќата на Христо Узунов.

Годинава Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Охрид, во рамките на проектот, освен фасадата на објектот во кој е сместено Радио Охрид, ќе ги обнови и фасадите на куќите на семејствата Ѓурчинови и Димзови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top