Десницата во редовите на британската Конзервативна партија се заканува со одржување „уште еден референдум против ЕУ“ доколку на првиот, предвиден до крајот на 2017 година, мнозинството гласачи се определат за останување на Велика Британија во Унијата.
„Вториот“ референдум би се организирал до крајот на 2020 година, односно пред крајот на мандатот на сегашната ториевска Влада.
Ваквите навестувања на десничарите во редовите на партијата на премиерот Дејвид Камерон се јавуваат во време кога тој ги почна разговорите со своите европски партнери за плановите на Лондон за нови британско-европски преговри, во кои Британија бара „темелно преиспитување“ на нејзиниот статус, за да остане во ЕУ.
Камерон планира во текот на овој месец да се сретне и да разговара со политичките лидери на сите земји од Унијата, по што британскиот Парламент би го донел законот за референдум.
Според предлог-законот, рефередумот би се одржал во следните 1,5 година, а прашањето за кое Британците би се определувале би гласело- дали саката Велика Британија да остане во ЕУ.
Тврдите евроскептици и антиевропските политичари, тврдат дека прашањето е направено за да се гласа „за“ останување во Унијата. Тоа е повод за да се обвинува Камерон дека се подготвува да организира „нечесен“ референдум на кој на гласачите, практично, од сега им се сугерира како да гласаат.
Овие кругови во владејачката партија, како и во дел од домашната политичка јавност, вршат силен притисок врз премиерот да им дозволи на министрите-евроскептиците во Владата, да може да агитираат против останувањето на Британија во Унијата, доколку нема знаци дека ЕУ е подготвена за „темелни реформи“ какви што ги заговара Лондон.
Камерон веќе ги има известено претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер, како и претседателот на Франција, Франсоа Оланд и германскиот канцелар Ангела Меркел, дека „црвена линија“ за Британија е ограничување на имиграцијата од ЕУ и блокирање на пристапот до социјалните бенефиции.
Десничарите кај ториевците, сега поставуваат нови барања, пред се, правото на вето на британскиот Парламент, на одлуките што ги носи Брисел, како и неуплаќање во заедничкиот европски буџет, заканувајќи се со нов референдум, доколку првиот не ги задоволи нивните гледања.
Британската опозиција навести дека ќе го подржи предлог-законот за референдум во Парламентот, но сега бара со него да им се даде правото да гласаат и на државјаните на ЕУ кои живеат во Британија, како што тоа право го имаат за британските локални избори и за евроизборите.
Шкотската национала партија (СНП) која е категорично против напуштањето на ЕУ, бара законот да им даде право на глас за „иднината на Велика Британија“ и на младите од 16 и 17 години, затоа што станува збор за „нивната иднина, а не иднината на актуелните политичари“.
Конзерватиците имаат мнозинство за да се усвои законот и без подршката на лабуристите, но на планираниот референдум им недостасуваат повеќе од 20 отсто гласови, доколку распоредот на гласовите од минатомесечните парламентарни избори, би останал ист и при референдумското изјаснување.
Проценките покажуваат дека гласовите на сите ториевски гласачи и оние на УКИП, не се доволни за да се изнуди излегување на Британија од ЕУ, наспроти проевропскиот блок во кој се лабуристите, либералдемократите, СНП, велшката партија Плеид Кимру и партијата на зелените.Против се и северноирските републиканци-католици, а не се знае како би гласале унионистичките гласачи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



