Кризата во Кипар, по сѐ изгледа е стара вест, новата земја за која треба да се грижиме е Словенија, пишува весникот „Вашингтон пост“.
Словенија, мала членка на Европската унија, сместена меѓу Италија, Австрија, Унгарија и Хрватска, имаше зад себе мошне лоша недела, со скок на каматните стапки на обврзниците на 5,4 проценти поради стравувањата дека ќе ѝ биде потребна меѓународна финансиска помош, нагласува весникот.
– Добивките од словенечките државни обврзници сѐ уште се под кризно ниво. Каматните стапки на Кипар се движат околу седум проценти. Меѓутоа, стапките во Словенија секако навлегуваа во опасна зона – пишува „Вашингтон пост“.
Словенија стана членка на ЕУ во 2004 година, а домашната валута толарот го замени со еврото во 2007 година. Оваа земја има мало и отворено стопанство, во зависност од извоз, а во поголемиот дел од изминатата деценија забележа раст поголем од просекот на еврозоната, но со високо ниво на јавен долг.
За разлика од повеќето земји кои се мачеа со кредитите во секторот на недвижнини, Словенија имаше проблем со компаните, кои работењето го финансираа со долгови наместо со капитал. Големите корпоративни заеми финансираа поголем дел од стопанскиот раст остварен од 2000 година досега.
Податоците на ЕУ покажуваат дека само во 2007 година долгот на приватниот сектор се зголемил за 23,5 проценти, а долгот на нефинансискиот приватен сектор за дури 40 проценти. Добар дел од тие кредити е прогласен за ненаплатлив во текот на кризата во 2008 година.
Во минатонеделниот извештај на Меѓународниот монетарен фонд се наведува дека, поради големиот број ризични заеми, банките западнале во проблеми, така што обемот на ненаплатливи кредити во трите најголеми словенечки банки се зголемил за 15,6 проценти во 2011 година, на 20,5 проценти во 2012 година. Речиси една третина од тие кредити им е одобрена на приватни фирми.
„Вашингтон пост“ потсетува дека Словенија, како и повеќето други европски земји, покренала програма за штедење вклучувајќи кратење на платите во јавниот сектор, како и социјални бенефиции за да се намали буџетскиот дефицит на 3,5 проценти во 2012 година. Таа цел е остварена, но само доколку се одземат трошоците за докапитализација на банките.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Македонското сценарио и во Словенија: Јанша го врати мандатот, не може да состави влада
-
Уште сме на почетокот: Проблемите во економијата ќе продолжат да се продлабочуваат
-
Снег паѓа во Словенија (видео)
-
Мерките на владата поразителни: Лелеци во текстилната и кожарската индустрија која вработува 40.000 луѓе