| четврток, 6 декември 2018 |

Еден загинат во новиот напад врз руската амбасада во Дамаск

Едно лице денеска загина, а три се ранети кога минофрлачки гранати паднале во близина на руската амбасада во Дамаск, јави „Раша тудеј“.

Како што се наведува, сите жртви се Сиријци, а погинатиот бил припадник на обезбедувањето на амбасадата.

Сириската агенција Сана, повикувајќи се на полициски извори, наведе дека е гранатирана област во Дамаск во која се наоѓаат амбасади. Агенцијата додава дека сите жртви се цивили.

Ова е вторпат неделава минофрлачки гранати да паѓаат во близина на седиштето на руската амбасада во сириската престолнина. Првиот пат тоа се случи во вторникот, но тогаш немаше жртви.

Една граната ја погодила зградата, а втората паднала во близина на главниот влез во амбасадата.

Сириските власти по првиот напад веднаш реагираа, ветувајќи дека ќе ги преземат неопходните мерки за да се осигура безбедноста во амбасадата.

Руската амбасада во Дамаск беше нападната и во јануари, кога граната преку покривот падна во зградата.

Совето за безбедност на Обединетите нации пред два дена го осуди нападот на амбасадата на Русија во Дамаск, оценувајќи го како терористички чин и побара одговорните кривично да одговараат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top