Има нешто во човека, што како нерезистентен магнет го тера да оди до граничните зони на моралот, та дури и да ги пречекорува. Онаа дионизиска страна на карактерот, скокоткана од неодоливите страсти да се доживее некакво забрането или, ако сакате, непристојно искуство, како воајеризмот, на пример.
Неретко оваа страст е овековечена во делата на големите уметници, посебно кај незаборавните мајстори на алегоријата или, пак, кај тие што со голема предаденост ги илустрираа возбудливите теми од Библијата.
Антони ван Дајк има серија од прекрасни платна со голем формат, изработени во врвен сликарски манир на високиот фламански барок, каде што ја интерпретира темата за Сузана и старците.
Во тие слики група од неколку, веќе остарени, мажи прикриено ја набљудуваат младата и убава Сузана, која се разголила покрај една вода за да се искапе. Широкоразрогачените очи на старите воајери им даваат посебна психолошка напнатост на овие ремек-дела на фландриската сликарска уметност од 17 век.
Всушност, како овие теми на разголеност во комбинација со прикриената опсервација да воспоставуваат посебен еротски штимунг кај публиката, која како да се идентификува со воајерите од уметничките дела.
Оваа моќ на уметноста итрите протагонисти на политичката игра одамна ја забележале и во контекстот на нивната борба за власт, по сè изгледа прилично често почнале да ја експлоатираат.
Да се дискредитира политичкиот противник со компромитација на интимноста. Да се посегне преку неговата разголеност до состојбата на затекнатост и немоќ кај политичкиот конкурент. Противникот да се прикаже гол и несмасен, неподготвен за борбата која живот значи.
Сè се ова недолични и подмолни стратегии, кои главно се користат од криминогените играчи на политичката сцена, од оние кои немаат талент и визија, а ни каков било друг тип капацитети, освен оние кои гравитираат кон феноменот на подмолноста.
Но ваквите стратегии, колку и да даваат разурнувачки резултати на почетокот, додека функционира инхибиторниот ефект од шокираноста, на долги патеки добиваат сосема обратен ефект и стануваат фатални за иницијаторите, воедно водејќи ги кон катастрофа.
Истото тоа се случува и во ова хаотично совремие, во кое исфрустрираните и злобни опозициски корифеи се обидоа преку упадот во приватноста да ги понижат и разобличат претставниците на власта.
И тоа во почетокот како да ја вознемири македонската јавност, која по првиот шок брзо се прибра и почна длабински да ги согледува овие соображенија.
Всушност, македонскиот народ одамна е имун на подмолни игри од овој тип и преку глава му е, овие несреќни и неспособни политичари – последните експоненти на историски пропаднатиот тоталитаризам, и понатаму да го влечат за нос.
Но овој изнапатен, правичен и мудар народ со пребогата традиција и со огромни творечки капацитети не може повеќе да се занимава со лудориите на изгубените во времето и разнебитените од реалноста, носители на едноумието.
Овој, иако по број мал, но по културните и цивилизациските вредности голем, народ не може да ги трпи врз своето општествено тело овие гадни и бесловесни паразити, така некрофилски врзани за една, веќе одамна мртва творба, без оглед на целата романтичност на провеаните времиња.
Зошто оваа голема измама на отпаднатите лажливци ѝ е одвратна на граѓанството, дури и на оној дел од него кој во името на некакво незадоволство или, пак, носталгија на последните избори гласаше за нив.
Значи, првата измама што ја лиферуваше оваа групација губитници е онаа, во која, иако една респектабилна маса од 280.000 луѓе гласаше за нив за да ги претставуваат нивните интереси во институциите на системот, тие – измамници, не го направија тоа, правејќи од своите гласачи идиоти и магариња.
И сето тоа им помина. Поддржувачите прво беа збунети, а во таа состојба повеќето од нив беа подведени под уште пострашна и посуптилна манипулација. Имено, измамнициве удрија во некакви револуционерни барабани, симулирајќи жестока непомирливост со поразот, ширејќи еден тип агресивно незадоволство, воедно претставувајќи се како жртви на една голема изборна измама.
А добро се сеќаваме колку нивни сугестии беа инкорпорирани во Изборниот законик и колку нивни претставници беа позиционирани на круцијалните места за надзор и контрола. Дури и понижувачкото мастило на палците на македонскиот електорат, кое повеќе им прилега на крадци или, пак, на бесловесна стока, не им беше доволно да ги увери во регуларноста на изборниот процес.
По сето тоа човек ќе констатира дека, освен власта, ништо не може да ги смири. Но, ниеден народ не сака да ја даде власта на безумници. Но, и тоа се случува понекогаш со разни интервенционизми, а резултатите при таквите акции се ужасни. Да се сетиме само на болшевизмот и нацизмот, но тоа се процеси веќе одамна елаборирани од историјата на западната цивилизација.
И токму кога сите ние, граѓаните на Република Македонија, мислевме дека ќе имаме четиригодишен мир, хармонија и творештво, еве ви ги повторно ноторните измамници со нов проект за преземање на власта.
– Власта нè прсилушуваше – ламентираат тие – и ќе ви го покажеме тоа зашто ги имаме доказите за нивните нелегални дејства против нас – велат тие.
И само што македонските јавност ги начули ушите за да слушне што прислушувала и снимала власта, на сцената изникна нова, уште поголема измама од ноторните губитници, сега веќе потполно полудени од сопствената завист и злоба.
Наместо да ги слушнеме разговорите на корифеите на опозицијата, што власта, наводно, ги прислушувала, ние ги слушаме претставниците на Владата, снимени на нејнелегален начин од експонентите на опозицијата и нивните „кртови“, вметнати во безбедностите служби и во соработка со странски разузнувачки агенции.
Тука, веќе, македонската јавност сфаќа дека оваа опозиција е засекогаш загубена за здравиот разум. Без сомнение, ниту уште 100 загубени избори нема да ги разубедат дека волјата на народот е да ги снема од македонската политичка сцена засекогаш.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.