Доскорашниот известувач за Македонија во Европскиот парламент, Ричард Ховит, даде поддршка и за вечерашниот народен собир на ВМРО-ДПМНЕ кој со почеток од 20 часот ќе се одржи пред Собранието на Република Македонија.
Ховит вчера присуствуваше и на опозицискиот протест организиран од СДСМ, од каде што порача дека е тука да слушне што ќе се зборува и се надева дека посредништвото од ЕУ може да помогне во решавањето на политичката криза во државата.
– Јас сум тука да набљудувам и нема да се обидам да лоцирам вина кај едната или другата страна, тоа не е одговорно однесување, во случај кога сте дел од посредништвото кое треба да ја разреши политичката криза – рече Ховит.
Инаку, вечерва пред Собранието ќе се соберат огромен број на поддржувачи на владејачката политика и владините реформи. Собирот ќе биде мирен и ненасилен.
– За собирот кој го органзира ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата „За подобра Македонија“ и голем број други поддржувачи, се работи за мирен, ненасилен собир, на којшто сака да се искаже поддршка на државата во овие тешки моменти, поддршка за сите кои се борат за Македонија, за безбедносните сили, за сите сили коишто даваат напори Македонија да излезе од овој процес, да се заврши оваа криза и да се продолжи по патеките на напредокот, по патеките на отворање на нови работни места, по патеките на носење на крупни инвеститори во Македонија, по патеките на зголемување на платите, на пензиите, на социјалната помош, по патеките на силна поддршка на земјоделците. Но сигурно ќе биде моќен и силен од аспект на присутноста на граѓаните затоа што јас знам дека граѓаните го препознаа овој кукавички чин што го прави Заев, против сопствената држава, а за својот личен интерес – изјави Груевски.
Во повикот на ВМРО-ДПМНЕ за митингот, се наведува дека, партијата, како и секогаш до сега ќе се бори за стабилна, силна и економски развиена Македонија и нема да дозволи заради ниту еден личен или партиски интерес државата да биде втурната во правец кој ќе е на штета на секој еден граѓанин на Македонија.
– ВМРО-ДПМНЕ заедно со македонскиот народ, со сите граѓани, со Албанците, Турците, Власите, Ромите, Србите, Бошњаците и сите други ќе излезе на голем народен митинг за поддршка на стабилна и силна Македонија. Граѓаните на Македонија ќе излезат на улиците на Скопје за да покажат дека се борат за почитување на правото на глас, за почитување на изборната волја, за отварање на нови работни места, граѓаните на Македонија ќе покажат дека се борат за новите фабрики и автопати, се вели, меѓудругото, во текстот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.