| четврток, 6 декември 2018 |

Месиќ: Тито е најголемата личност во хрватската историја

Последниот претседател на Претседателството на Југославија и поранешен претседател на Хрватска, Стјепан Месиќ, смета дека Јосип Броз Тито бил најголемата личност која Хрватите ја имале во својата историја.

Својата оценка Месиќ ја аргументира со податоците дека „Тито победил во Втората светска војна, ја извел Југославија како федерација на републики плус покраини“ и додаде дека „сега четниците за Тито зборуваат дека е усташ, а усташите дека бил масовен убиец“.

– Врз основа на што? Врз основа на некој од Аргентина на кого некој кој побегнал од Југославија така му напишал. Тито е најголемата личност која Хрватите ја имале во својата историја, јасен е Месиќ во разговорот за ТВ Н1.

Тој се осврна и на вадењето на бистата на Тито од Пантовчак (резиденцијата на хрватскиот претседател), потсетувајќи дека првиот хрватски претседател по стекнувањето независност, Фрањо Туѓаман, бил за тоа бистата на Тито да се заддржи.

-Јас бев за тоа, (Иво) Јосиповиќ беше за тоа. Врз основа на тоа може да се каже што Тито всушност беше. Не се согласувам со потегот на претседателката (Колинда Грабар Китаровиќ). Таа се дистанцираше од историските факти. Тоа е попуштање на една националистичка еуфорија за која не знаеме како ќе заврши’, објаснува и предупредува Месиќ.

Осврнувајќи се на рехабилитацијата на Дража Михаиловиќ, која предизвикува остри осуди во регионот, поранешниот хрватски претседател смета дека е тоа „за жал, рехабилитација на четничкото движење“ и не ја исклучува можноста во Хрватска да се „слушнат повиците за рехабилитација на Анте Павелиќ“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top