Шведската актерка Ингрид Бергман ќе биде заштитно лице на годинашниот 68. Филмски фестивал во Кан, кој ќе се одржи од 13 до 24 мај. Насмеаното лице на филмската дива е на постерот на местото на Марчело Мастројани, кому минатата година му беше оддадена почит. Оваа година се навршуваат 100 години од раѓањето на Бергман и организаторот реши на овој начин да го одбележи овој јубилеј.
– Филмската икона, современа жена и храбра актерка, Ингрид Бергман истовремено беше и холивудска ѕвезда и фигура на неореализмот. Се селеше од една во друга улога и од една во друга земја во согласност со своите страсти, не губејќи ништо од својата привлечност и непосредност – вели организаторот.
Актерката, чиишто партнери беа Кери Грант, Хемфри Богарт и Грегори Пек беше синоним на слободата, храброста и модернизмот.
За време на фестивалот во Кан ќе биде емитуван омаж за Бергман, а ќе се прикаже и документарниот филм „Со нејзини зборови“ на Швеѓанецот Стиг Бјоркман. Филмот ќе биде прикажан во селекцијата кански класици.
– Моето семејство и јас сме многу почестени што Канскиот фестивал ја одбрал нашата прекрасна мајка за официјалниот постер и тоа во годината кога се одбележуваат 100 години од нејзиното раѓање – изјави Изабела Росалини, ќерката што Бергман ја доби додека беше во брак со италијанскиот режисер Роберто Росалини.
Шведската актерка е трикратна добитничка на најпрестижната филмска награда „Оскар“, а Американскиот филмски институт ја прогласи за четврта најголема актерка во историјата на кинематографијата.
Филмот „Долина на љубовта“ на францускиот режисер Гијом Никол со Жерар Депардје и со Изабел Ипер во главните улоги ќе биде во трка за „Златна палма“, соопшти организаторот. Тоа е приказна за една брачна двојка, која ќе го загуби синот и решава да го чека во долината на смртта, која за нив двајца е долина на љубовта.
Депардје во 1990 година доби награда во Кан за филмот „Сирано де Бержерак“ на Жан Пол Рапно, лани, на Канскиот филмски фестивал го претстави филмот „Добре дојдовте во Њујорк“ на Абел Фере во кој се говореше за сексуалниот скандал на поранешниот генерален директор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Доминк Строс-Кан.
Покрај „Долина на љубовта“, во конкуренција за „Златна палма“ е и филмот „Кроник“ на мексиканскиот режисер Мишел Франк.
Во главната конкуренција се и филмовите на италијанскиот режисер Нани Морети, Французинот Жак Одијар, Тајванецот Хуа Хсиао-Хсиен и Американецот Тод Хејнс, чијшто филм „Керол“ ја следи љубовната приказна за две жени за време на 50-тите години од минатиот век со Кејт Бланшет и со Руни Мара во главните улоги.
Вкупно 19 филма ќе бидат прикажани во конкуренција за главната награда на Канскиот фестивал.
Со годинашното жири ќе претседаваат американските режисери, браќата Џоел и Итан Коен, е меѓу членовите на жири-комисијата ќе бидат и режисерите Хавијер Долан и Гилјермо дел Торо, како и актерките Сиена Милер, Софи Марсо и Роси де Палма.
Браќата Коен се добитници на „Златна палма“ од 1991 година за филмот „Бартон Финк“.
На црвениот килим се очекуваат многубројни ѕвезди, меѓу кои и Шарлиз Терон, Натали Портман, Рејчел Вајз, Кејт Бланшет, Мајкл Фасбендер, Бенисио дел Торо.
Организаторот најави дека новиот изум, таканаречените држачи за посетителите да се самофотографираат со познатите, ќе бидат забранети.
Директорот на фестивалот, Тјери Фремо ги нарече овие фотографии смешни и гротескни.
Критикувани дека ретко селектираат филмови, чиишто режисери се жени, организаторите оваа година, првпат по 25 години пауза решија да го отворат фестивалот со филм, чијшто режисер е жена. Станува збор за филмот „Возвишена глава“ (La Tete haute) на француската режисерка Емануел Берко. Во филмот во кој се говори за малолетна деликвенција игра и француската дива Кетрин Денев.
Неретко обвинувани за сексизам, организаторите ќе се обидат на ова издание на Фестивалот да ја ублажат оваа полемика со воведување селекција што има за цел да го истакне и награди придонесат на жената во седмата уметност.
– Ова е единствена шанса да се поттикне размислување за неопходноста за поголема застапеност на жената и нејзиното творештво во кинематографиајта – изјави директорот на фестивалот Тјери Фремо за француските медиуми.
За време на фестивалот во програмата „Жени во движење“ ќе бидат одржани неколку разговори на тема местото на жената во кинематографијата, нејзината застапеност во професијата и на екранот, како и женскиот пристап во нарацијата и снимањето.
Од оваа година, по тој повод, ќе бидат доделени и две награди – една со која ќе биде оддадено признание на некој од истакнатите личности на филмската индустрија, која значително придонела за промоција на жената, а другата награда ќе ѝ биде врачена на некоја млада режисерка.
– Придонесот на жената во филмската индустрија, на екран или зад камерата е непроценлив и е од суштинско значење. Се надеваме дека со оваа програма ќе ја поттикнеме нивната работа и залагање – рече Фремо.
Географски гледано, филмовите кои се во трка за „Златна палма“ доаѓаат од сите краеви – од Европа, преку Кина и Јужна Кореја до Америка и Мексико. Жанровски се движат од драма, преку трилер и борачки вештини, па сѐ до научна фантастика.
На Канскиот фестивал ќе се претстави и Интернационалниот филмски фестивал „Браќа Манаки“, а проектот се реализира во соработка со Агенцијата за филм на Република Македонија и Кинотека на Македонија. Претставувањето ќе биде под мото „Објективи низ времето“. Фестивалот ќе се претстави во рамките на павилјoнот на земјите од Југоисточна Европа. Во годината кога Кан одбележува 120 години од првата проекција на браќата Лимиер, Македонија и Балканот се гордеат со 110-годишнината од творештвото на првите фотографи и сниматели на Балканот. Промотивни материјали како разгледници, брошури, летоци, дивидија со филмовите на Манаки ќе им бидат доделени на видни личности од филмската индустрија, агенти за продажба, дистрибутери. На маркетот во Кан ќе биде промовиран проектот „Битола – филмски град“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Фантастичен прием на „Дивата круша“ на Нури Бигле Џејлан на Канскиот филмски фестивал
-
Јапонецот Хироказу Коре- Еда е годинашниот добитник на „Златната палма“ во Кан
-
Агенцијата за филм во Кан потпиша неколку договори за регионална и европска соработка
-
Македонија како дестинација за снимање филмови се промовира во „Холивуд репортер“


