На 13 мај, среда, во киното „Фросина“, во 20 часот, е закажана промоцијата на поетската книга „Црни дупки во нас“ од авторката Марта Маркоска која ја доби наградата „Бели мугри“ за 2014 година.
Специјални гости на вечерта ќе бидат: црковно-византискиот хор Хармосини и Женски младински хор на МКЦ под водство на маестро Сашо Татарчевски.
Книгата „Црни дупки во нас“ ги содржи циклусите: „Животот е циклус (циркус)“ „Катахрезис на духот“, „Применети знаења“, „Плоштини на љубовта“, „Холограм на среќата“ и „Црни дупки во нас“.
Во рецензијата од професор Иван Џепароски за оваа книга пишува: „На астрономите и на физичарите треба да им се остави научното толкување на„црните дупки“, но кога поетите и поетесите „црните дупки“ ќе ги префрлат „во нас“, тогаш тие црни дупки почнуват внатре во нас „поетски да домуваат“ наоѓајќи си свое поетско „прибежиште во методот“. Па дури и тогаш кога ова прибежиште не е ништо друго освен пост фестум согледба за „Ентропијата на љубовта“.
Професорката Билjана Перчинкова во своите куси импресии за оваа поетска објава додава: Песните на Марта Маркоска се зен коани стегнати како тупаница; тие се врел костен во устата што ниту може да се проголта, ниту да се исплука сè додека живата пулсирачка реалност не блесне пред нас неотповикливо. Како и сèпостоењето, таа е во копнеж да се спознае самата себе. Таа е „ѕвезда што колабирала во сопствената гравитација“ (како во „Квантната теорема на љубовта“) и сега бестелесна се враќа наназад во простор-времето. Марта ги множи своите поетски (не)равенки со минус еден, исто како и генијалниот квантен физичар Ричард Фајнмен пред неа, добивајќи така електрон што ни се враќа од иднината наместо позитрон којшто патува од минатото.“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.