Големата победа што се случи на 9 мај 1945 година е победата на Црвената армија врз силите на Третиот рајх по падот на Берлин.
Тоа е победа со која е завршена најголемата војна во историјата на човештвото – Втората светска војна, во која беа однесени 55 милиони луѓе. Жртвите во оваа ужасна војна требаше да бидат предупредување и обесхрабрување за какви било натамошни глобални судири, но и осуетување на новите експанзионистички идеологии и политика на светско ниво. Оваа страшна војна и нејзините консеквенции, исто така, треба да алармира за стравотните последици што би се случиле со технолошкиот развој на оружјето за масовно уништување и резултатите од можниот глобален стратегиски конфликт меѓу спротивставените суперсили.
Секако, најзаслужни за целосниот пораз на силите на оската се силите на Советскиот Сојуз. Во оваа таканаречена Татковинска војна Советскиот Сојуз даде 27 милиони животи – според официјалната статистика, изнесена во најновите истражувања на научните институции на Руската Федерација. Во стариот југословенски едукативен систем информациите даваа бројка од 22 милиона жртви. Но кое било од овие тврдења создава морничава атмосфера во душата и во умот на секој нормален и хуман човек на планетава.
Западот, за разлика од Советите, имаше прилично опортунистички и манипулативен пристап за време на оваа најголема и најстрашна војна во историјата на човештвото.
Прво да истакнеме дека токму американскиот крупен капитал учествуваше во финансирањето на НСДАП и на нејзиниот фирер, Адолф Хитлер. Стратегиите на Западот во тоа време беа дека финансирајќи ги нацистите, тие создаваат силен бедем против експанзијата на комунизмот кон западна Европа. Но, се покажа дека монструозната воена машинерија на нацистичка Германија се сврти против круцијалните интереси на Западот. Со германскиот напад на Полска, Велика Британија и Франција му објавија војна на Третиот рајх. Инвазијата на Полска беше брзо решена, а нејзината територија стратегиски поделена меѓу Германија и Советскиот Сојуз со пактот, аранжиран од страна на министрите за надворешни работи на двете држави–окупатори, Германија и СССР, Рибентроп и Молотов.
Потоа Хитлер удри на Франција поразувајќи ја за неочекувано кратко време, а потоа набрзина ги порази и Британците, кои едвај спасија жива глава повлекувајќи се од Денкерк. Со милоста на Хитлер, кој не ги активира своите оклопни дивизии за да ја уништи во целост британската армија, која поразена, срамно се повлекуваше од континенталниот дел на Европа, Британците некако успеаја да го спасат тоа што можеше да се спаси и да се притајат следните неколку години организирајќи се во одбрана на островот.
Бадијала патетичните говори на Черчил, бадијала американската помош и сојузништво по влегувањето во војната против силите на оската откако беа ненадејно нападнати од Јапонија во Перл Харбор.
Вистинскиот спас и за едните и за другите, но и за цела окупирана Европа, дојде кога во целата своја безумност, отстапувајќи од препораките на својот главен геостратегиски советник, Карл Хаусхофер, Хитлер ја нападна големата страна. Тој не научи многу од историјата и од стравотниот пораз на Наполеон во Русија, некои 150 години пред неговото време. Алчноста и инфилтрацијата во неговите групи воени планери и нивните совети да се освојат нафтените резерви во Каспискиот регион, беа чекорот на пропаста. Тој го нападна СССР и со тоа беше ставен во ситуација да се соочи со моќ, за која не сонуваше ни во своите најкошмарни сништа.
По поразот кај Сталинград, а посебно по поразот во битката кај Курск – најмасовниот и најголем воен судир во историјата на човештвото, каде што учествуваа преку 2,5 милиони војници и каде што им беше скршен ’рбетот на три германски армии, нацистичка Германија веќе, практично, беше поразена. Потоа јуришот на Црвената армија на Берлин беше незапирлив.
Дури по поразот кај Сталинград тромавите Англоамериканци се активираа посериозно во северна Африка. 500.000 Британци и Американци едвај успеаја да го совладаат корпусот на генералот Ромел, кој броеше помалку од 30.000 војници.
Податоците говорат дека Црвената армија војуваше и победи во таа војна 95 проценти од вкупните сили на германската воена машинерија и нивните сојузници. Затоа и толку многу жртви.
Само за заземањето на Берлин, по кое следува безусловната капитулација на Третиот рајх, Советите платија со половина милион војници.
Сепак, од 9 мај, кога војната заврши, Советите мораа да ги чекаат Англо-американците до 4 јули. Но за да дојдат и до тој датум, Сталин требаше да им го прати напомош и својот Сибирски корпус за да им овозможи натамошно напредување на сојузниците.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.