Утре, в сабота, од 17 часот, на Саемот на книга ќе се одржи промоција на романот „Посмртна маска“ од познатиот српски писател Ласло Блашковиќ во салата за промоции во присуство на авторот.
Промотор на романот и делото на Блашковиќ е проф. д-р Елизабета Шелева, а модератор Дејан Трајкоски. Книгата е во превод на Јасмина Алексова.
-„Посмртна маска“ е современ пикарски роман. Тргнувајќи од Нови Сад, како точка на застанување којашто постојано се напушта и кон којашто јунакот на оваа приказна постојано се враќа, тој, како некаков модерен номад, во глетките и во настаните, во искуствата и откритијата низ Германија, Австрија, Словенија, Грција или во САД, се обидува да ги препознае и да ги раскаже највозбудливите искуства на модерниот свет и на неговиот сопствен живот. Овој роман го карактеризираат возбудливата приказна, автентичната егзистенцијална сила на раскажувањето и луцидните увииди во јазичката атрактивност. Посмртна маска е роман којшто предизвикува толкувања, потсетувања и препознавања, откритија и возбудувања, велат од издавачот „Икона“, кои се јавуваат и како издавач на уште една книга од Блашковиќ, „Приказна за изнемоштеноста“ (во превод на Јасмина Алексова), која беше промовирана, исто во присуство на авторот, за време на меѓународната конференција на ПЕН во Скопје, 2013 година.
Ласло Блашковиќ е поет, романсиер, раскажувач, есеист. Ги добил наградите на Друштвото на писатели од Војводина, наградата на фондот „Борислав Пекиќ“, наградата на САНУ од фондот „Бранко Чопиќ“ за најдобра книга на годината, како и наградата „Стефан Сремац“ за прозна книга на годината.
Романот на Блашковиќ „Накитот на Мадона“ е одбран меѓу десетте најдобри српски романи напишани после падот на Берлинскиот ѕид кои се составен дел од едицијата „Сто словенски романи“.
Прозата и поезијата на Блашковиќ се преведени на англиски, француски, германски, унгарски, полски, романски, словачки, украински, македонски, бугарски и словенечки јазик.
Блашковиќ моментално работи како директор на Народната библиотека на Србија. Книгата „Посмртна маска“ е издадена со поддршка на Министерството за култура на Србија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.