На штандот на „Табернакул“ денеска на Саемот на книгата во Скопје беше промовиран 15. број на уличното списание „Лице в лице“. Со мотото „Создај навика“ на промотивниот настан се интерпретираше поезија, се пишуваше нова, „случајна поезија“, а децата кои присустуваа на промоцијата цртаа инспирирани од книгите и уживаа во моќта на книгата.
Младите „главни актери“ на настанот беа ученици од скопското основно училиште „Блаже Конески“, кои дадоа вистински придонес кон оваа промоција.
Поетесата Ана Голејшка, која беше промоторка на ова издание на „Лице в лице“, заедно со новинарката и водителка Ана Зафирова и со ученички и ученици од различни возрасти, испишаа нови стихови, кои предизвикаа аплауз кај публиката.
Учениците кои беа дел од настанот ги посетуваат едукативните работилници во рамки на кампањата за поттикување на читачките навики кај децата, која ја креираше и ја спроведува Асоцијацијата за истражување, комуникации и за развој „Паблик“, а е дел од проект на ЕВН за поддршка на македонската литература и творештво и за поттикнување на читачките навики.
Тие ги раздвижија присутните, барајќи од нив да се присетат на стихови од омилени песни, а потоа им читаа поезија на случајните минувачи. Во исто време, нивни млади соученици цртаа инспирирани од свои омилени книги.
– Работилниците се искреирани како игра во чиишто рамки на учениците им е оставен простор за креативно дејствување, поезијата се црта, делата добиваат други димензии и се поттикнува тимската работа – објаснува Климентина Илијевски, извршна директорка на „Паблик“.
По промоцијата, присутните имаа можност да го купат новиот број на „Лице в лице“, во чијшто фокус е моќта на книгата и моделите за поттикнување на читачките навики и го покажува патот во создавањето поголема читачка публика.
Првите стотина купувачи имаа можност да добијат книги на подарок од издавачите „Табернакул“, „Три“, „Арс ламина“, „Магор“ и „Готен“.
Во останатите денови од Саемот на книгата, со купен нов број „Лице в лице“, читателите ќе го добиваат и новото издание на „Раскази.мк“, кое ќе биде промовирано в петок, 8 мај, како дел од проектот „Создади книга“ на ЕВН Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.





