| четврток, 6 декември 2018 |

Изложба на Жанета Гелевска – Велјановска во Софија

Во Националната галерија на Македонија и Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија, Бугарија, вечерва во 18.30 часот, ќе се отвори изложба на Жанета Гелевска – Велјаноска.

Жанета Гелевска – Велјаноска го користи сликарството за да зборува за својот живот, за нејзиното минато и за сегашноста. Во своите дела произведува светлина, обоен простор што ќе вдоми една фигуративна форма и која ќе му ја даде неговата смисла за возврат. Нејзините платна се преплет од мисли, расположенија и емоции за личности. Имагинарен свет што раскажува поезија, убавина на душата што ја носи секој во себе и кои се одразуваат врз секој предмет од секојдневието. Обоено патување низ градови и предели, реални или имагинарни, апстрактни или фигуративни, и двете истовремено…

Систематизираќи ги внатрешни пориви на својот сопствен сензибилитет, во своите дела Жанета Гелевска Вељаноска се стреми кон синтетичен и силен начин на изразување. Лексиката на нејзиното сликарство е слоевита и смислено вкрстена од различните доживувања и расположенија, така, таа се ослободува од една цела конкретна логика, во корист на диктатот на чулата и чуствата со емотивни изливи на внатрешната енергија и психички вибрации.

Преку палетата на своите платна Гелевска не води низ извонредна композициска решеност на површината, воедно остварувајќи една комплексна изведба, споена со познавањето, пред се, на создавањето на светот како предизвик на самото битие. Во својот појдовен импулс, пристапот на авторката веќе е лишен од декларативно-утилитарна тенденциозност, нејзините мотиви се предизвикани од сфери што им припаѓаат , пред се, на творечките индивидуално-психолошките и хуманистички разбирања. Делата се весели и полни со оптимизам, потхранети со страст за животот и интерес за едноставноста на секојдневниот живот, со мотиви што изразуваат животна радост, неагресивност, и стремеж кон еуфорична емотивност…

Изложбата ќе ја отвори г-дин Васко Шутаров, директор на КИЦ на РМ во Софија, а реализацијата на овој проект се остварува со поддршка на нашето Министерство за култура.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top