| четврток, 6 декември 2018 |

Анчелоти: Во Јувентус ме дочекаа со парола „свињата не може да не тренира“

juve

Карло Анчелоти против своите од Јувентус, несудениот играч на Реал Мадрид Андреа Пирло против кралскиот клуб во Лигата на шампионите. Огромна традиција и моќ на два славни клуба кои вечерва ќе го почнат полуфиналниот двомеч за пласман во големото финале од Лигата на шампионите во Берлин на 6. јуни.

Дотаму патот води низ Торино, вечерва од 20, 45 часот и потоа за 6 дена во Мадрид на реваншот меѓу двата европски гиганти Јувентус и Реал Мадрид.

Во меѓусебните дуели што двата клуба ги играле во Купот на европските шампиони, или во Лигата на шампионите, Реал Мадрид има предност од 8-6 во победи со еден нерешен исход. Еднаш двете екипи играа во финалето на елитното натпреварување, а Реал ја освои титулата со победа од 1-0 во 1998 година на „Амстердам арена“ во Амстердам. Ривалитетот е огромен, а тоа најдобро го потврдува примерот на Карло Анчелоти, италијанскиот стратег што го предводи Реал, а беше и тренер на Јувентус.

„Јувентус ми е најголем ривал во кариерата. И како играч во осумдесеттите години од минатиот век кога играв за Рома, потоа и кога настапував за Милан и кога бев тренер на овој клуб и на Парма, секогаш Јувентус ми беше главен противник. Во Торино ме дочекаа на нож кога пристигнав за да бидам тренер на клубот. Пред мојата канцеларија имаше графит на кој пишуваше ‘свиња не може да не тренира’. Ме дочекаа како смртен непријател и тоа нема никогаш да се промени“, вели Анчелоти.

Во Торино на првиот меч, тој нема да може да смета на Бензема и на Модриќ, два значајни адути во машинеријата на кралскиот клуб од Мадрид.

Јувентус по 12 години повторно е во полуфиналето на ЛШ, а старата дама посакува да продолжи традицијата од новиот милениум. Во два одиграни двомечи од 2000 година досега Јуве беше подобар од Реал и успеа да ги елиминира од ова натпреварување.

„Реал е еден од најдобрите фудбалски клубови на планетата, но верувам дека можеме да им се спротивставиме. Шансите се 50-50 и мислам дека ќе биде неизвесно до последните мигови од двомечот“, изјави Андреа Пирло. Главниот креатор на играта на Јувентус, откри дека во 2006 година за малку не завршил на „Сантјаго Бернабеу“ во дресот на Реал Мадрид.

„Само што пристигнав од Мундијалот како светски првак и стаса понуда од Реал. Италија ја тресеше големиот скандал со местење на натпревари и сериозно размислував да заминам во Мадрид. Сепак останав во Милан и за среќа не згрешив, бидејќи станавме европски прваци. Сонувам да го освојам трофејот и со Јувентус и потоа можам мирно да заминам во фудбалска пензија“, додаде Пирло.

Второто полуфинале меѓу Барселона и Баерн почнува утре со првиот меч во Каталонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top