| четврток, 6 декември 2018 |

Пенезиќ: Дојдов во Вардар за да ја освојам Лигата на шампионите

Една од најдобрите ракометарки на ЖРК Вардар, хрватската репрезентативка Андреа Пенезиќ, со силно темпо се подготвува за најважните натпревари оваа сезона, завршниот турнирот во Будимпешта во рамките од Лигата на шампионите.
Таа минатото лето дојде од Крим и го засили македонскиот шампион на бековските позиции, а низ натпреварите што минаа во текот на сезоната покажа дека се работи за одличен одбранбен играч.
Во последните неколку натревари од Лигата на шампионите, а посебно четврт-финалниот двомеч со Ѓер, таа влегува во топ-форма и подготвена го очекува полуфиналето против Будуќност.
Во разговор за официјалната веб-страница на ЕХФ таа верува дека може да слави победа над добропознатиот противник.

– Кога решив да си заминам од Љубљана, дојдов во Вардар со една цел – да станам европска шампионка. Сега сум на два чекора до тој успех и ќе сторам сѐ за да си го остварам сонот. Елиминацијата на Ѓер дополнително ни ја крена самодовербата, очигледно е дека играме сѐ подобро на секој нов натпревар и најискрено веруваме дека можеме да победиме на буквално секој натпревар, против буквално секој ривал. Будуќност е силна екипа што игра цврст и дисциплиниран ракомет, но ние имаме квалитет да ги минеме и да се пласираме во финалето – изјави Пенезиќ за официјалната веб-страница на ЕХФ.

vardar-gerg-10

Пенезиќ има пофални зборови и за тренерскиот тандем, Кастратовиќ – Питлик, кој одлично се вклопил во работата и ја надградиле играта на тимот до совршенство.

– Наша главна сила е тимскиот дух, што го изградивме благодарение на Индира Кастратовиќ, која покажа големо трпение кога не ни одеше најдобро, но исто така е и фантастичен мотиватор. Со доаѓање на Питлик се засиливме значително на тактички план, направивме чекор напред како тим, па сега имаме фантастичен „микс“ од скандинавски и од балкански ракомет, со што им создаваме големи проблеми на ривалите – вели Андреа Пенезиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top